Владата го усвои Предлог Буџетот за 2017 година

Владата на денешната седница го донесе Предлог Буџетот за 2017 година кој е развоен со рекордно ниво на капитални инвестиции, повисоки за дури 20 отсто во споредба со оваа година и во текот на наредниот ден ќе го достави до Собранието, информира министерот за финасии Кирил Миноски.

Вкупните приходи, нагласи,  се планираат на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година, вкупните расходи на ниво од 206,22 милијарди денари, или за 4,5 отсто повеќе во однос на годинава, а капиталните инвестиции да имаат рекорден износ од 26,95 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е предвидено да изнесува 3 отсто од БДП, односно 18,6 милијарди денари во апсолутен износ. 

- Буџетот за 2017 година е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 отсто следната година. Сметам дека ова е реална проекција, бидејќи во неа се инкорпорирани предвидувањата за глобалниот раст следната година, ефектите од Брегзитот, кои ќе влијаат на успорување на растот во земјите на ЕУ, како и очекувањата за домашната состојба, односно разрешување на политичката криза по завршување на парламентарните избори. Растот на економската активност ќе биде придвижен од извозот, кој се предвидува да забележи реален раст од 6 отсто. Увозот е предвидено да забележи раст од 4,7 проценти, со што нето-извозот би имал благ позитивен придонес кон економскиот раст, рече Миноски на вечерашната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека бруто-инвестициите се очекува да остварат реален раст од 4,5 отсто, приватната потрошувачка да се зголеми за 2,1, а јавната за околу 1,3 отсто. Стапката на инфлација ќе остане на ниво од 1 отсто, а се очекува вработеноста да се зголеми за 1,8 проценти. Просечната бруто плата во земјата треба да забележи номинален раст од 1,8 отсто.

- Вкупните даночни приходи се очекува да забележат раст од 9,5 отсто во однос на 2016 година, од кои персоналниот данок треба да оствари раст од 9,3, данокот на добивка од 16,1, ДДВ раст за 10, акцизата за 12,7 и царината за 2,5 отсто во однос на 2016 година, рече Миноски.

Од вкупните расходи, прецизира, за тековни расходи се планирани 179,26 милијарди денари или раст од 2,4 отсто во однос на 2016 година.

- Во рамки на тековните расходи се планирани 26,77 милијарди денари за плати. Социјалните трансфери се проектирани на 92,7 милијарди денари, при што се опфатени и ефектите од политиката за поддршка на пензионерите и корисниците на социјална помош. Во текот на 2017 година 51,2 милијарди денари се наменети за исплата на пензии и во нив е вкалкулирано предвиденото зголемување на пензиите за 5 отсто, почнувајќи од ноемвриската пензија, која ќе се исплати во декември 2016 година. За исплата на паричен надоместок за невработените лица планирани се средства во износ од 885 милиони денари, а за спроведување на активните политики и мерки за вработување 555 милиони денари. За здравствена заштита се планирани средства во износ од 26,4 милијарди денари. Предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата за социјална заштита на ранливите категории на граѓани во вкупен износ од 7,8 милијарди денари, рече Миноски.

Во рамки на буџетските средства наменети за капитални расходи, додаде, предвидени се значајни инвестициски вложувања во изградба на автопатот на Коридор 10 и железничката, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Прецизира дека за следната година е предвидно да заврши изградбатана автопатот Демир Капија - Смоквица, д апродолжи моденизацијата на железничкиот коридор 10 и реализација на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на пругата кон Бугарија

- Предвидено е вложување во енергетската и комунална инфраструктура за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 3,48 милијарди денари, како и продолжување на активностите околу изградбата на Националниот гасоводен систем. Со интензивирана динамика ќе продолжи и изградбата на водоводните и канализационите системи во општините,... Планираните расходи за 2017 година обезбедуваат поддршка на домашната економија и животниот стандард, која ќе се реализира преку капитални инвестиции, субвенции, пензии и социјалните надоместоци, рече Миноски.

Прашан дали е неопходно носење на Буџетот за 2017 година или, пак, може да се реши со времено финасирање како што бара опозицијата заради предвремените парламентарни избори во декември, Миноски рече дека нивна обврска е да го изготват Предлог Буџетот и да го достават до Собранието, а пратениците ќе одлучат дали ќе се донесе вопредвидениот рок до распуштање на Парламентот или ќе се оди на времено финасирање.

- Временото финасирање е опција која се користи во услови кога не е можно да се донесе Буџет. Постојат одредени негативни аспекти од временото финасирање пред се во однос  на обврските кои се преземени во меѓувреме, а не биле опфатени во претходната година заради тоа што во основа се зема трошењето во првиот квартал од претходната година. Дополнителна негативна страна е неможноста да се преземаат дополнителниобврски, рече Миноски.

За јавниот долг рече дека се очекува до крајот на годинава да биде под 50 проценти со оглед на фактот што доспеваат за плаќање одредени кредитни линии.

- Како Министерство водиме сметка за висината на јавниот долг иправиме проекции и сценарија на кој начин најдобро да го менаџираме јавниот долг, рече Миноски.

Категорија: