Мисајловски: За одржување на регионалните патишта издвоени рекордни 22 милиони евра

Во завршна фаза се активностите за обнова на регионалниот пат Градско – Росоман – Дреново во должина од 12 километри, инвестиција во износ од 1,3 милиони евра. По целата должина на патот е поставен нов асфалт, а треба да се довршат уште  стотина метри и да се постави нова патна сигнализација.

Увид во градежните работи денеска извршија министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов.

- Првпат година издвоивме рекордни 22 милиони евра преку ЈП за државни патишта за реконструкција на регионални патишта преку програмата на ЈП „Македонија пат“. Само оваа година издвоивме дополнителни 5,5 милиони евра за да ја подобриме патната мрежа низ државата. Градиме нови патишта, а воедно и ја подобруваме и постојаната патна инфраструктура нешто што го немало досега во Република Македонија, изјави министерот Мисајловски.

Тој денеска направи увид и во изградбата на експресниот пат од Градско до Прилеп во делот на Дреновската клисура каде се врши интензивно пробивање на трасата.

Мисајловски посочи дека е задоволен од работите на терен.  - Трасата се пробива според планираната динамиката и континуирано се зголемуваат брјот на градежни работници и на механизација потребни за изградба на овој експресен пат. Исто така, во тек е тендер за изградба на втората фаза од експресниот пат од Градско до Дреново, очекувам градежните работи да почнат на почетокот на следната година и во рок од 24 месеци да имаме нов експресен пат од Градско до Прилеп, изјави Мисајловски.

Според директорот на ЈП за државни патишта, интензивно се работи на изградба и реконструкција на регионалната патна мрежа во Република Македонија. - Со завршување на регионалниот пат од Градско до Дреново веднаш ќе започнеме и со реконструкција на регионалниот пат од Росоман до Кавадарци во должина од околу пет километри и инвестиција од околу 35 милиони денари. Се планира целосна реконструкција и поставување нова патна сигнализација, изјави Стојанов.