Премиерот Димитриев се сретна со германскиот пратеник Фрај

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денеска (понеделник, 07.11.2016 година) оствари средба со г-дин Торстен Фрај, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на ЦДУ/ЦСУ и главен известувач во Бундестагот за Република Македонија.

Соговорниците ги поздравија добрите билатерални односи помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија и истакнаа заложби за нивно континуирано унапредување и продлабочување во секоја сфера од взаемен интерес.

Двете страни ја истакнаа значајноста и потребата за организирањето на фер и демократски избори. Премиерот Димитриев ја афирмираше фокусираноста на Владата кон организирањето на кредибилен изборен процес и јасниот владин став за поддршка на работата на Државната изборна комисија за прашањата за кои комисијата изразува таква потреба.

Претседателот на Владата Димитриев и германскиот пратеник Фрај се согласија дека сите политички партии треба да имаат позитивен пристап кон градењето доверба во изборниот процес и дека политичките партии треба да ги прифатат резултатите од изборите со цел креирање на политичка влада која ќе има полн фокус на приоритетите за развој на економијата, реализацијата на стратешката определба на Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО, и реформите за унапредување на стандардите кои се од значење за нашите европски и евроатлански интеграции.

Соговорниците разговараа и за менаџирањето на ефектите од мигрантската криза. Премиерот Димитриев истакна дека крајот на домашната политичка криза ќе обезбеди и дополнителен квалитет во надминувањето на актуелните и на потенцијалните предизвици во врска со мигрантите.