Во Штип се садат 50 илјади садници

Во рамки на акцијата „Ден на дрвото“, која се спроведува по 17-ти пат, во Штипско ќе бидат засадени 50-тина илјади садници, а во самиот град илјада. Дрвце во Штипско денеска засади дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев.

- Овој проект е значаен бидејќи ја подигна свеста кај граѓаните на нашата држава, меѓутоа и особено најбитно кај најмладите за значењето и суштината, за неговата смисла за заштита на нашата животна околина. Ќе го продолжиме овој проект и во годините што следат со оглед на позитивните ефекти и аспекти кои што ги има, изјави Спасов.

Захариев потенцира дека со цел градот да се направи чист, уреден и зелен, Јавното претпријатие има обврска секоја година да засадува илјада дрвца во самиот град.

- За добро здравје на една нација па и на целото население на планетата Земја треба да има шумско богатство. Знаеме дека шумите во цел свет се нападнати, се сечат, се сечат и во Република Македонија, но пошумувањето на голините е важно затоа што од чистиот воздух зависи колку помалку ќе има заболувања, изјави Захариев.

Тој најави дека годинава  локалната самоуправа планира да направи повеќе дрвореди и смета дека на тој начин  градот ќе биде почист.

- За нас е битно дека децата добиваат навики дека треба да го чуваат зеленилото, а мислам дека и кај граѓаните проработи свеста дека ако имаме здрава и чиста околина ќе имаме и повеќе здравје. Така што мислам дека денешното посадување на овие две мелеи во коритото на река Отиња е само почеток на една акција која ќе се одвива некаде до пролетта и верувам дека ќе биде успешна, истакна Захариев.