Интервју на ЗПВРМ и МНР Никола Попоски за „Дер Стандард“

Стандард: Разликата меѓу Вашата партија, ВМРО-ДПМНЕ и социјалдемократите се намали. Може ли да се случи да ви бидат потребни две албански партии за да оформите коалиција?

Попоски: Може да се случи сѐ, дури тоа да бидат две или три. Ако се има мнозинство, тогаш станува збор за нешто сосема друго, за разлика кога се нема мнозинството.

 

Стандард: Турскиот претседател Таип Ердоган се закани дека повторно ќе испрати бегалци кон Европа затоа што ЕУ парламентот се согласи дека преговорите за влез на Турција треба да се прекинат. Кои би биле последиците од тоа за Македонија и врз контролата на границата со Грција?

Попоски: Мислам дека Турција има интерес да ги одржува односите со Европа, исто како и Европа со Турција. Оттука произлегува и договорот меѓу Германија и Турција и мислам дека Турција не сака да го прекрши овој договор. А ни Европа. Но, ние покажавме дека сме во состојба да ги контролираме нашите граници. Не постојат граници што се непропустливи и сѐ уште има нелегални преминувања но сега е сосема поинаку отколку во периодот кога имавме по 14.000 луѓе што стоеја на границата. Тоа испраќа сигнал.

 

Стандард: Дали вториот бран бегалци – ако Турција испрати бегалци – ќе има влијание на Македонија?

Попоски: Тоа може да има влијание ако не сме подготвени. Но ние сме подготвени. Имаме кооперативен систем со одредени ЕУ држави – меѓу другите и со Австрија – за безбедност на границите. И тоа е добро и за нас и за државите од ЕУ.

 

Стандард: Ќе биде ли потребно да се постави ограда на други места?

Попоски: Ние воопшто не сакаме огради. Но ако и на други места како што е во Гевгелија постои ризик, тогаш ќе го направиме тоа. Во друг случај, не. Затоа што ние не градиме огради само колку да имаме огради. Во пракса се покажа дека бројот на нелегални преминувања на границата масивно се намали откако ја изградивме оградата долга 12 километри кај Гевгелија.

 

Стандард: Очекувате ли во случај на втор бран од Турција мигрантите да преминуваат преку Бугарија наместо преку Македонија?

Попоски: Би можеле да го употребат тој пат затоа што грчко-бугарската граница не е добро заштитена. Тие секогаш ги имаат вистинските информации. И секогаш тргнуваат по патот што е најбезбеден, најбрз...

 

Стандард: ...И е најевтин....

Попоски: И кој не е контролиран.

 

Стандард: Кој ефект го имаше изборот на Доналд Трамп врз американската политика наспроти балканските држави? Постои мислењето дека Владата на Соединетите држави многу помалку би се се ангажирала.

Попоски: Не мислам така, затоа што Балканот е меѓу петте топ приоритети на следната американска влада. Мислам дека затоа и се прави помалку притисок да се случи нешто конкретно на Балканот. Затоа, најважно е да не чекаме некој друг да ги решава нашите проблеми. Америка симболички за нас е мошне важна затоа што претставува симбол за семејство во кое сакаме да припаѓаме: европското семејство. Но тоа не предизвика големи потреси кај нас. САД веќе некое време се повлече како земја која се грижи за безбедноста. Ние се соочуваме со закани како миграција, тероризам и екстремизам но тие може да се придушат со ресурсите што ги имаме во регионот.

 

Стандард: НАТО досега беше важна Алијанса за САД. Црна Гора влезе во сојузот. Ако Македонија сака да влезе во НАТО, мора прво да го реши спорот со името со Грција затоа што Грција ја блокира од таа причина. Гледате ли можност по изборите да се реши спорот со името?

Попоски: Што се однесува до НАТО, ние ги исполнивме сите критериуми – останува само спорот со името. Временската рамка за тоа е отворена уште од 2008 година, затоа што НАТО постојано ја кани Македонија за членство, доколку се реши спорот со името. Во претходните девет години постојано имаше измени со Грција, веројатно повеќе од нивна страна. Се пропуштија многу прилики. Но, не треба да појдеме од тоа дека престојните избори се појдовна точка за решавање на спорот со името. За решавање мора да придонесеме и ние, а и Грците. Но нема совршено време за такво нешто, а ниту пак имало. Ако чекаме совршен период, може нема ни да дојде.

 

Стандард: Може ли да се продолжи со приближувањето кон ЕУ без решавање на спорот со името?

Попоски: Што се однесува до ЕУ, во 2009 година беше направена ужасна грешка со тоа што беше прифатен ставот на Грција. Тогаш ја добивме првата препорака од Европската Комисија за започнување на преговорите. ЕУ мислеше дека спорот со името може да се реши за неколку месеци но во меѓувреме ниту започнавме со преговори со ЕУ ниту го решивме спорот со името. А сега изгледа дека имаме помалку шанси за пронаоѓање на соодветно решение што на крај сигурно нема да се исплати.

Важен елемент е повторно да се врати довербата во текот на процесот. Тоа може да се постигне само со започнување со преговори за влез во Унијата. Во овој случај Грција нема да ја изгуби својата позиција затоа што е јасно дека без согласност од Грција не можеме да станеме членка. Грчкиот став е: ќе ви го загорчиме животот поради спорот со името – сѐ додека не ги исполните нашите услови.

 

Стандард: Грција е во подобра положба.

Попоски: Не може да се спореди. Тие се внатре, ние сме надвор.

 

Стандард: За внатрешната политика. Мислите ли дека би било добро ако се продолжи со разговори за совладување на кризата меѓу четирите партии по изборите?

Попоски: Овие разговори се случуваат затоа што опозицијата го блокираше парламентот. По изборите овие разговори ќе продолжат во парламентот а не во некоја амбасадорска резиденција.

 

Стандард: Времето за кое Специјалното јавно обвинителство треба да ги поднесе обвинувањата, беше ограничено на 18 месеци. И ЕУ е за тоа овој временски рок да се продолжи затоа што Специјалното јавно обвинителство нема доволно време да ги прегледа материјалите од аферата со прислушкување. Вашата партија е против тоа да се продолжи временскиот рок. Мислите ли дека е важно случајот целосно да се расветли?

Попоски: Ние имаме политички договор за Специјалното јавно обвинителство и тој беше мошне прецизен и што се однесува до времето и до законските рамки. А што се однесува до аферата со прислушкување, ние имаме заземено јасен став. Сакаме ова да се истражи во одреден временски рок затоа што сакаме да се врати безбедноста. Насекаде се прислушкува но никаде нема афера со прислушкување толку јавно како во Македонија. Тоа го покажува и степенот на слобода што го има во Македонија.

 

Стандард: И што ќе се случи ако Специјалното јавно обвинителство каже дека не успеало во оваа временска рамка од 18 месеци да го реши случајот?

Попоски: Теоретски може да се случи тоа. Но логично би било да се концентрира на најважниот материјал од прислушкувањето.

 

Стандард: Може ли овој рок да се продолжи?

Попоски: Тоа е дел од договорот што го потпишавме. И ако сега се смени нешто, тогаш се менуваат и други параметри. Не може да се пребира. Сега се избори, потоа се обвинувања – или не.

 

Извор: „Дер Стандард“

Новинар: Аделхајм Вулфл

Категорија: