Очната клиника доби најсовремен апарат за фако хирургија во Македонија

Најсовремен апарат за фако интервенции е ставен во функција на Универзитетската Клиника за очни болести. Ваков апарат имаат само некои земји и е единствен во регионот.

Апаратот, кој е набавен од страна на Министерството за здравство, е во вредност од пет милиони денари и со него веќе се извршени осум интервенции.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Очната клиника, по што изјави дека со апаратот ќе се овозможи намалување на ризиците и зголемување на ефикасноста на интервенциите, како и зголемување на бројот на интервенции кои ќе можат да се прават на таа јавна здравствена установа.

Покрај двата апарата кои ги има, посочи, овој ќе биде трет, што значи се зголемува и бројот на апарати на Клиниката. Според него, она што е најважно е дека се добива најсовремен апарат.

- Ваков апарат нема друг во Македонија. Ова е најсовремениот апарат за фако хирургија во Македонија. Со тоа Очната клиника ќе може да дава поголем број здравствени услуги од овој карактер односно ќе може да се прават поголем број интервенции на катаракта на Клиниката со што сериозно ќе се влијае на намалување на листата на чекање односно зголемување на бројот на интервенции на катаракта кои се прават во Република Македонија, рече Тодоров.

Потенцира дека на состанок со директорот и тимот на Клиниката се договориле од 2.500, бројот на интервенции да се зголеми на 4.700. Тоа, истакна, ќе се овозможи како резултат на новонабавениот апарат и нова организација која се договоривме да се направи на Клиниката.

- Во оваа бројка ќе влезат и интервенциите кои ги покрива Фондот за здравствено осигурување, но и интервенции кои ќе се прават приватно во текот на викендите или во попладневните часови согласно Законот за здравствена заштита кој ја овозможува дополнителната дејност, рече Тодоров. 

Директорот на Клиниката за очни болести, Илијаз Исмаили рече дека апаратот е најнова технологија, кој бил претставен при крајот на 2015 година во Барселона и од минатата година само некои земји го имаат. 

- Со ова на нашите пациенти ќе им излеземе во пресрет во нивната потреба за хируршката интервенција на катаракта. Ние ќе успееме да ја зголемиме и бројката на хируршки интервенции. Секоја година одиме над 20 отсто од планот кој го имаме за таа година. Со новиот апарат ќе успееме двојно да го зголемиме бројот на хируршки интервенции, посочи Исмаили.

Додаде дека сите луѓе по 40-тата година треба да направат преглед кај очен специјалист.