Граничните премини „Меџитлија“ и „Дојран“ отворени за влез на цистерни со нафта

Поради блокада на грчкиот премин Евзони, Владата на РМ донесе одлука цистерните со нафтени деривати од јужната граница, кои досега во Македонија влегуваа само на граничниот премин „Богородица“, да може да влегуваат и на граничните премини „Меџитлија“ и „Дојран“. Мерката, која е предизвикана од случувањата во Грција, во сила ќе биде до 5 март 2017, изјави вечерва владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

- Владата на денешната седница донесе одлука да се овозможи транзит на нафтени деривати, покрај на ГП „Богородица“, и на премините „Дојран“ и „Меџитлија“, со што се даваат поголем број алтернативи кои може да бидат ползувани од транспортерите. Одлуката е донесена поради оневозможување на влез на цистерни со нафта и нафтени деривати на Македонија на ГП „Богородица“ од попречувања што се случуваат од другата страна на границата и кои прават определено оптоварување на компаниите и има импликација на економските движења во Република Македонија, рече Ѓорѓиев.

За спроведување на одлуката Владата ја задолжи Царинската управа на РМ да обезбеди кадар во техника и логистика за нормално функционирање на двата премина зашто ќе се зголеми фреквентноста на возила што ќе транзитираат, а МВР треба да обезбеди сообраќаен режим за прифаќање на цистерните што ќе влегуваат и за нивно процесирање до внатрешните царински терминали.

Времениот режим за транзитирање на цистерните на овие два гранични премина ќе почне да се применува веднаш и ќе трае до 5-ти идниот месец.

Ѓорѓиев рече дека на „Меџитлија“ и „Дојран“ е можно протокот да биде побавен затоа што квалитетот на патот за пристап до премините од двете страни на границата не е идентичен со квалитетот на патот на Богородица - Евзони. 

- Ќе имаме предизвици во однос на прифаќањето на овие транспортни средства, односно може да се појават ситуации на забавен проток, но она што е најзначајно е дека проток ќе има и дека ќе се потрудиме со сите срества што ни се на располагање како институции протокот да биде што поефикасен и да не предизвикува дополнителни загуби во време и во средства на субјектите кои транспортираат или оние со кои се склучени договори за соработка, додаде Ѓорѓиев кој посочи дека за оние што имаат интерес од железничкиот сообраќај кон јужната граница треба да имаат предвид дека тој се одвива нормално и редовно.