Продолжува соработката со ЕИБ, вкупните поддршка 200 милиони евра

Заедничките проекти на Владата на Република Македонија и Европската инвестициска банка (ЕИБ) беа тема на разговор на денешната средба на  вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски со раководителите на Дивизијата на ЕИБ за Западен Балкан и на канцеларијата за Западен Балкан на ЕИБ, Матео Ривелини и Дубравка Негре.

На средбата, информираат од Кабинетот на Пешевски, заеднички е констатирано дека соработката е одлична и ќе продолжи и понатаму да се развива.

Вицепремиерот Пешевски истакнал дека кредитната линија на ЕИБ во висина од 350 милиони евра, што се реализираше преку Македонската банка за поддршка на развојот, се покажа како одличен проект, со кој се помогнаа македонските компании во услови на економска криза, при што се поддржаа 1.758 проект кои отворија нови 6.940 работни места.

- Овој проект помогна да се ублажат последиците од светската економска криза и должничката криза во Европа врз македонските компании, да ги развиваат своите капацитети и да отвораат нови работни места, посочил Пешевски.

Во 2017 и 2018 година, планирано е да се репласираат над 50 милиони евра, достапни за македонските компании со субвенционирана каматна стапка од 5,5 отсто, со што ќе се придонесе за дополнителен развој на компаниите и нови вработувања.

Освен за кредитната линија станало збор и за тековни проекти кои се реализирааат со поддршка на ЕИБ, а како најзначаен е издвоен проектот, за изградбата на автопатот на Коридорот 10, на делницата Демир Капија-Смоквица, за кој преку ЕИБ се обезбедени 100 милиони евра.

- Со завршувањето на делницата Демир Капија – Смоквица, практично се комплетира целиот патен Коридор 10, со што се создаваат услови за побезбеден, побрз и поефикасен транспорт на стоки и услуги, што ќе придонесе до дополнителен економски раст и развој на Република Македонија, потенцирал Пешевски.

Владата на Република Македонија со поддршка на Европската инвестициска банка од 2010 година го реализира и проектот за „Водоснабдување и одведување отпадни води“ во вредност од 50 милиони евра, а во 2017 година ќе започне Проектот за „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица“ чијашто вредност изнесува околу 50 милиони евра. Со ова вкупното портфолио на инвестици во капитални проекти со поддршка од ЕИБ достигнува 200 милиони евра.