Ибрахими: Се повеќе ги подобруваме условите за престој на децата во предучилишно образование

Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски денеска ја посетија новата занимална (доградба) во објектот „Детелинка“ во општината Ѓорче Петров.

- Ова е еден нов дел од објектот кој пред извесно време беше пуштен за да видиме какви се условите за децата. Се што се гради е квалитетно и се повеќе ги подобруваме условите за престој на децата во предучилишно образование и воспитание. Работиме на зголемување на капацитетите во делот на предучилишното образование. Како Министерство во изминатиот период направивме огромен исчекор во делот на зголемување на капацитетите од нула до 6 години, од 9 проценти опфат на децата во 2006 година достигнавме до 26 проценти во 2016 година, изјави Ибрахими.

Посочи дека од нула до три години од 12 проценти опфатот на децата во 2016 година достигнал 40 проценти. Тука, нагласи, не застануваме, нашата интенција е и со проектот „140 градинки“ да се доближиме до оној европски просек од 90 проценти опфат на децата, но сепак за тоа треба време.

Министерот Ибрахими изрази надеж дека политичките услови ќе дозволат да го реализираат проектот „140 градинки“ за да покажат дека навистина се посветени во делот на подобрување на условите и зголемување на капацитетите во предучилишното образование во Република Македонија.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски рече дека „Детелинка“ е само еден од објектите каде се згрижуваат 30 деца. Пред два месеци, потенцира, пуштивме една градинка во општината Ѓорче Петров каде се згрижија 150 деца во состав на училиштето „Ѓорче Петров“.

- Во втората половина на минатата година ја пуштивме градинката „Рипчиња“. За еден краток период од седум осум месеци капацитетите се зголемија за околу 250 деца, што е импозантна бројка. Таа бројка не ги задоволува потребите на граѓаните на општината Ѓорче Петров. Како што најави министерот во наредниот период општината ќе отпочне со изградба на други градинки посебно таму каде наталитетот е поголем, а тоа е во руралниот дел. Многу скоро ќе почнеме со изградба на градинка во реонот на селото Волково, истакна Митровски. 

Најавени се, посочи, две градинки во општината Ѓорче Петров, а со сопствени средства ќе изградиме уште две.

- Значи овие четири нови градинки ќе дадат придонес да се згрижат поголем број деца. Околу 650 деца чекаат да ги згрижиме, додаде Митровски.