Миноски: ЕК со идентична проекција со Владата за невработеноста

Последниот извештај објавен од  Европската комисија ги потврдува добрите фундаменти на економските политики што ги спроведува Владата на Република Македонија и проекции за намалување на невработеноста. 

Ова денеска го изјави министерот за финансии Кирил Миноски, кој истакна дека согласно Извештајот се предвидува намалување на стапката на невработеност во наредниот период, која во 2018 година би изнесувала 22 проценти  што е идентична проекција со Владата на Република Македонија.

- Ова е уште една потврда за успешните активни мерки на пазарот на трудот што Владата ги спроведува со цел да се стимулира вработувањето заедно со сите активности што ги преземаме во насока на поттикнување на инвестициите, истакна Миноски.

Додавајќи дека во Извештајот се нотираат и стапките на раст на БДП за наредната година, според кој очекувањата се дека македонската економија ќе расте со стапка од 3,2 проценти, рече дека претходно  проекциите на Владата биле доста конзервативни и изнесуваа 3 проценти, додека на други релевантни меѓународни финансиски институции како ММФ проекцијата изнесувала 3,5 проценти. 

Споед него овие прогнози пред се се резултат на очекувањата на движењата на потрошувачката, растот на извозот во наредниот период кој се должи главно на активностите во ТИРЗ, како и на капиталните инвестиции кои се предвидени во Буџетот за 2017 година.

Реализацијата, истакна Миноски, на сите овие проекции во голема мерка зависи и од она што ќе се случува на политички план и решавањето на политичката криза во РМ.