За нов водоснабдителен систем во Гевгелија 1,7 милиони евра

Со финансиска поддршка од ИПА фондовите во Гевгелија денеска почна реализација на проект за унапредување на водоводниот систем со кој треба да се подобри Водоснабдувањето на 17.000 жители во Гевгелија, Мрзенци, Моин, Богородица, како и Селеми и Стојаково во општина Богданци.

Почетокот на изградбата на новиот водоснабдителен систем го означија евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за финансии Кирил Миноски и градоначалникот Иван Франгов.

Предвидена е изградба на четири бунари, пупмпна станица, станица за хлорификација на водата, цевки, и резервоар за вода од капацитет од илјада метри кубни.

Вкупната вредност на проектот е 1,7 милиони евра, а Министерството за финансии, како што информира министерот Миноски, даде свој придонес со обезбедување средства преку Проектот за подобрување на општински услуги во висина од 260.000 евра како грант. Сто илјади евра се обезбедени преку Проектот за водовод и канализација на Министерството за транспорт и врски.

Според министерот Миноски, станува збор за важен проект кој освен непречено снабдување со чиста вода за пиење на овие места, ќе придонесе и за развој на локалната економија преку создавање можности за отворање земјоделски преработувачки капацитети, индустриски капацитети и нови мали бизниси, но и развој во примарното и секундарното сточарско производство.

- Проектот за подобрување на општинските услуги,  има  цел да го подобри квалитетот на животот во општините, преку реализација на капитални проекти како системи за водоснабдување, канализација и енергетска ефикасност, локална патна инфраструктура, градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриски зони и слично, рече Миноски, додавајќи дека тој е најдобра слика за синергијата која се креира преку соработката помеѓу централната и локалните власти.

Евроамбасадорот Жбогар нагласи дека ваков проект се спроведува првпат во рамки на неодамна започнатата кампања „ЕУ за тебе“.

- Морам да потенцирам дека на многу успешен начин  општина Гевгелија успеа да искомбинира различни извори на фондови за финансирање на проектот  и мислам дека токму овој начин на реализација на пионер проект  треба да служи како пример на другите општини како треба да спроведат големи проекти  и како да ги реализираат, рече Жбогар  и додаде дека очекува благодарение на проектот  да се зачува здравјето на населението,  да се зголемат заштедите на домаќинствата и да се унапреди локалното  стопанство.

Според градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов, новиот водоснабдителен систем треба да биде готов до ноември, а на активностите им претходеле седум години барање решение  за квалитетна вода. - Огромна благодарност од мое и од име граѓаните на општина Гевгелија мора да изразам за финансиската помош  што ја добивме преку ЕУ фондовите, Светската банка и Министерството за финансии  и грантот од Министерството за транспорт и врски. Завршена е целата финансиска конструкција на проектот  кој ќе чини повеќе од 105 милиони денари  односно 1,7 милиони евра, рече Франгов.

Министерството за финансии го спроведува проектот за подобрување на општинските услуги од 2009 година и до денес преку него се финансирани 80 капитални проекти во 55 општини во вредност од околу 45 милиони евра. Министерот напомена дека во тек е и нов јавен повик за овој проект за кој има огромен интерес од општините и веќе имаат пријавено нови проекти кои се во фаза на евалуација.

Проектот за подобрување на општинските услуги се реализира со поддршката на Светска банка и Европската комисија. Преку Светска банка под исклучително поволни услови се обезбедени средства за евтини кредити за општините, додека преку ИПА компонентата се обезбедуваат грантови кои се наменети за имплементација на проектите во руралните средини.

Категорија: