Се унапредува стручното средно образование со грантови од МОН

Средните училишта заедно со компании, а со поддршка на Министерството за образование и наука, преку проект на Светската банка, го унапредуваат и зајакнуваат квалитетот на средното стручно образование.

Во првата фаза се опфатени 10 училишта кои имаат меѓусебен договор со некоја компанија, каде учениците изведуваат практична настава. Една од компаниите во која ученици изведуваат практична настава е Енерго систем од Скопје која заедно со Државното средно училиште „Партение Зографски“ добија грант од 10.000 евра од МОН, а која денеска ја посети заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

При посетата на оваа компанија Ристовски истакна дека со поддршка на МОН преку Проектот за развој на вештини и иновации во соработка со Светска банка изминатиот период е објавен јавен повик преку кој се доделени неповратни грантови од 5 до 20 илјади евра во насока на поддршка на фирми и училишта кои ќе склучат меѓусебни договори во делот на заедничката соработка и настапот во креирање поквалитетен кадар во средното стручно образование, кое, како што додаде, е исклучително значаен и голем предизвик за РМ, а карактериситечен за високоразвиените земји како Германија и Австрија.

Појасни дека преку овој проект, покрај теоретскиот дел на наставата што се спроведува во рамки на соодветната компанија и на училиштето, постои и практичен дел од целиот овој процес каде учениците директно се запознаваат со системите и воопшто со целиот начин на функционирање.

- На овој начин се покажува целокупната општествена одговорност и придонесот што можат да го дадат компаниите во развојот на образовниот систем на РМ, истакна Ристовски. 

Во првата фаза се доделени 10 грантови од 5.000 до 20.000 евра, а како што посочи заменик-министерот, МОН ќе продолжи да го поддржува овој проект и процес за зголемување на квалитетот на практичната настава и вештините кај учениците.

- Продолжуваме со реформирањето на четиригодишното стручно образование затоа што сметаме дека тоа е главниот предизвик со кој РМ во следниот период ќе се соочува особено заради потребата и она што го диктира пазарот на трудот од домашните и секако од странските компании во делот од неопходноста на профили и кадар кој е потребен, истакна Ристовски. 

Практична настава во Енергосистем посетувааат 25 ученици од 5-та година. За потребите на практичната настава е подготвена специјална работилница во која се инсталирани и ставени во функција сите елементи предвидени со програмата на кои учениците практично ги стекнуваат знаењата за намената, начинот на инсталирање и одржување.

Директорот на компанијата Зоран Кондратенко истакна дека по завршување на проектот Енергосистем како општествено одговорна компанија ќе ја стави на располагање работилницата за практична настава на едукативни институции и професионални здруженија за обука на кадри согласно нивните потреби.

Учениците изразија задоволство од практичната настава од која можат да научат работи кои ќе им помогнат за нивно идно вработување.