Почна изградбата на нови објекти за сместување на 204 студенти во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје

Во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје денеска почна изградбата на комплекс нови објекти за сместување на 204 студенти на површина од 1.895 метри квадратни. Вкупната инвестиција за објектот, во вредност од 75 милиони денари, е обезбедена од буџетот на Република Македонија.

Предвидено е изградбата на новите објекти,  со трикреветни соби со тоалет и првпат изградба на шест еднокреветни соби за лица со посебни потреби, целини кои ќе бидат поврзани со патеки и средина хортикултурно уредена, целосно да биде завршена во период од осум месеци. 

Премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев, кои денеска присуствуваа на поставувањето на камен темелникот, потенцираа дека инвестирањето во ученички и студентски домови се дел од пакетот реформи во образованието, како и дел од заложбите на Владата за континуирано обезбедување подобри и еднакви услови за учење и студирање на сите ученици и студенти во Република Македонија.

Ова е активност што ќе внесе нов квалитет во студентскиот стандард, истакна Груевски, а Владата, најави, ќе продолжи да инвестира во подобрување на условите во кои престојуваат македонсктие студенти затоа што тие се иднината на нашата земја. 

- Продолжуваме да реализираме една комплексна стратегија за сеопфатна инвестиција во најголемиот потенцијал од Македонија, а тоа се младите и генерациите кои доаѓаат, изјави премиерот Груевски, додавајќи оти од новите простории ќе излезат бројни генерации студенти кои нема да го носат повеќе горчливиот вкус кои го понесоа  нивните претходници.

Тој посочи дека ќе се реконструира и најголемиот студентски дом „Гоце делчев“ во Скопје, а ќе се градат и нови сместувачки капацитети и во Скопје, и во Тетово и во Штип, но ќе се спроведуваат и бројни други проекти за подобрување на условите во кои живеат и работат студентите.

Паралелно со инвестициите во станбената инфраструктура, потсети Груевски, намалени се и партиципациите на факултетите на износи што се блиску до симболични, отворени се голем број нови факултети и дисперзирани студии, се набавуваат огромен број лаборатории за факултетите, се инвестираат средства за нова опрема и апарати за лабораториите за практична настава за студентите. Продолжува и преводот на 1.000 книги и учебници од кои се учи на најдобрите и најреномирани универзитети во Европа и во САД. Се продолжува, подвлече Груевски, со бројни мерки за насочување на младите кон насоките и струките кои се барани на пазарите на трудот.

Инвестирањето во инфраструктура од ваков тип, нагласи министерот Кралев, претставува стимул за подигнување на образовното ниво на граѓаните на Македонија, со што истата ќе влезе во групата на земји со висок процент на високообразовани кадри.

- За оваа цел ние и оваа година понудивме над 2.800 стипендии за ученици и студенти во Република Македонија. За кратко време ќе биде објавен и повикот за стипендии за студирање на првите 100 универзитети во светот согласно Шангајската листа, а ова ќе важи за првите 200 доколку студиите се од областа на техничките науки, рече Кралев.

Тој истакна дека изработката на новиот електронски портал за стипендирање која е во тек, ќе овозможи секој студент во Македонија на едно место да добива навремени информации за можностите кои се нудат за студирање и стипендирање како во земјата, така и во странство. Се разгледува и можноста за воведување мерки за континуирани финансиски олеснувања на најдобрите студенти од секој факултет на прв, втор и трет циклус на студии.