Во Канада презентирани можностите на Македонија во рударството

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски вчера пред околу 100 потенцијални инвеститори од рударскиот сектор ги презентираше можностите за водење на бизнис, како и инвестициските можности во Република Македонија, со особен фокус на можностите за инвестирање во секторот рударство, на бизнис форумот во Торонто, Канада, организиран од Канадската асоцијација за развој и рударско истражување.

Пешевски, како што информираат од неговиот Кабинет, истакнал дека Владата изминатите години посветено работеше на спроведување на реформи за подобрување на бизнис климата во земјата при што се направени низа на подобрувања, кои се препознаени од релевантни светски економски организации и институции.

- Република Македонија е позиционирана на 10-то место во светот и на 5-то место во Европа во извештајот „Доинг бизнис 2017“ на групацијата Светска банка, што претставува напредок од 84 позиции во однос на 2006 година. Според публикацијата на Херитиџ фондацијата „Индекс на економски слободи 2017“, земјата се наоѓа на 31-то место во светот и 18-то во Европа, во групата на економски слободни земји, со напредок од дури 17 позиции за само една година. Просечната даночна стапка од 7,4 отсто е една од најниските во светот, што ја прави земјата лидер во регионот и атрактивна дестинација за странските инвеститори, рекол Пешевски во обраќањето.

Изминатите години, нагласил, се бележи позитивен тренд кога е во прашање рударскиот сектор во земјата. Активните рудници за метална руда функционираат непречено, имаат големо влијание во локалниот економски развој, а управувани се од сериозни, одговорни и стабилни концесионери. Постои голем потенцијал во овој сектор, за да се достигне потребен е дополнителен капитал и нови инвестиции.

- Македонија е земја богата со минерални ресурси. Во моментов во фаза на отворање се девет нови рудници за метални руди, се вршат геолошки истражувања на дополнителни девет локации, а четири потенцијални локации се во фаза на подготовка за геолошки истражувања. Геолошките истражувања покажуваат дека во почвата има присуство на повеќе видови метални руди: олово, цинк, бакар, злато, сребро, никел, манган, антимон и железо, дополнил Пешевски.

Пешевски пред присутните го претставил и Законот за експлоатација на минерални суровини и концесиските трошоци за геолошки истражувања и експлоатација.

- Имаме современ Закон за експлоатација на минирални суровини, поволни концесиски трошоци, а ако се земе во предвид дека веќе постои инфраструктура и персонал со искуство во вршење на рударски работи, може да очекуваме овој сектор дополнително да се развива во иднина, завршил Пешевски.

На форумот присуствуваа околу 100 претставници на канадски компании од секторот рударство. Дел веќе реализираат ивестициски проекти во земји од Источна Европа, Турција и поранешни советски републики, а помеѓу нив е и компанијата „Еуромакс ресурси“, која почна со реализација на инвестицијата вредна над 500 милиони долари во рудникот „Иловица“ во општина Босилово.

Категорија: