Попоски: Откочување на евроинтеграциите за внатрешна стабилност

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и Министер за надворешни работи, Никола Попоски, во Стразбур учествуваше на состанокот на делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-Европска Унија.

На состанокот, со кој претседаваше европратеникот Алојз Петерле, во присуство на известителот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, и претставник од Европската комисија беа разменети мислења за актуелната политичка ситуација во Република Македонија, како и за актуелни прашања поврзани со европскиот интегративен процес.

„Голем дел од причините за длабоката политичка криза се поврзани со недостатокот за јасна перспектива за Европска интеграција на земјата. Со сигурност, и решенијата што треба да ги бараме во следниот период лежат во враќање на кредибилноста и отпочнување на преговорите за идно членство на Македонија во ЕУ. Без тоа, многу тешко може да се надминат и тековните внатрешни предизвици. За решение на политичката криза кое ќе биде одржливо, мора да се знаат и правилата на игра во иднина. Правилата мора да се однесуваат и на изборот на Претседател на Собранието на Република Македонија, принципите за формирање Влада и спроведувањето на избори. Покрај оваа домашна работа, неопходно е и ЕУ конечно да го направи членството за Македонија достижно“, истакна министерот Попоски.

Состанокот со европратениците од Мешовитиот парламентарен комитет Македонија - ЕУ се одржа во пресрет на претстојната дискусија на Пленарна сесија на Европскиот парламент за Резолуцијата за Македонија на известителот Иво Вајгл.

ЗПВРМ и МНР Никола Попоски во Стразбур имаше и одделни средби со повеќе европратеници, а се сретна и со генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.

Извор: Министерство за надворешни работи

Категорија: