Јолевски: Ги исполниме критериумите, НАТО треба да донесе одлука за членство

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денес во Рим, претседаваше на сесијата насловена „Патот до интеграција“ која е дел од Конференцијата во организација на Одбранбениот колеџ на НАТО, на тема „Балканските мрежи и стабилноста – поврзување на соработката и човековата безбедност“.

На денешната сесија на која покрај министерот Јолевски како претседавач, говорници беа и поранешниот министер за надворешни работи на Република Словенија, Димитриј Рупел, потоа Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, Аријан Старова, претседател на Aтлантскиот совет од Тирана и Брук Смит-Виндзор, од Дивизијата за истражување на Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, беше истакнато значењето на интеграција на земјите аспиранти за членство во НАТО од Југоисточна Европа. Говорниците истакнаа дека на членството во Алијансата треба да се гледа од аспект на зачувување и унапредување на регионалната стабилност и безбедност.

Министерот Јолевски како претседавач на сесијата посочи дека членството во ЕУ и НАТО е од стратегиско значење за Република Македонија, но и за Европа.. „Неопходно е Европа да биде креативна и да најде методи како ќе ги забрза интегративните процеси за преостанатите земји од Југоисточна Европа“, посочи министерот. Промените во геополитичкото опкружување во Европа и во светот укажуваат на потребата од стратешки пристап кон забрзување на интегративните процеси на земјите од Југоисточна Европа, бидејќи статус-кво ситуацијата во нивните интеграции е неодржлива. Говорниците на Конференцијата истакнаа дека иднината на земјите од Југоисточна Европа е во ЕУ и во НАТО. Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ кажа дека сите земји од регионот треба да започнат преговори за членство во ЕУ и дека Европската комисија треба да биде поактивна во надминувањето на билатералните разлики меѓу земјите – членки на Унијата и државите од регионот.

На Конференцијата беа изнесени мислења и во однос на последните активности во однос на членството на Црна Гора во НАТО и потребата од продолжување на проширувањето на Алијансата со Македонија и Босна и Херцеговина, особено имајќи ја предвид новата геополитичка реалност и предизвиците со актуелната мигрантска криза.

Целта на конференцијата e да даде дополнителен придонес за безбедноста на меѓународната заедница гледајќи од перспектива на политички и стратешки размислувања, а во насока на интеграција на останатите земји од Балканот и безбедносните случувања во регионот и Европа.