Американски NYSK ќе произведува масло од канабис во ОХИС, најавени 200 вработувања

Капацитет за производство на масло од канабис за медицински потреби е отворен во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Станува збор за нова странска инвестиција во Република Македонија и тоа на реномираната американска компанија NYSK холдинг ДОЕЛ Скопје.

Вкупната инвестиција во период од пет години ќе биде меѓу три до пет милиони долари. NYSK холдинг веќе инвестирала половина милион евра во реновирање на овој браунфилд објект од 2.000 метри квадратни. Компанијата веќе вработила 15 лица со полно работно време и со надпросечни примања, со план да вработи 50 до крајот на годината и 200 лица во наредните пет години.

Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф во обраќањето по повод отворањето на објектот, рече дека гордост му претставува да објави дека зградата во комплексот на ОХИС е целосно реновирана со цел да стане првиот модерен објект со лиценца за медицински канабис во Македонија за одгледување и извоз на масло од медицински канабис во земјите од Европа.

- Само неколку нации во светот имаат законско право да одгледуваат и да извезуваат медицински канабис, а сега Македонија е една од нив и тоа не прави нова дестинација за оваа брзорастечка индустрија, посочи Наумоф.

Тој рече дека основачот на NYSK холдинг, инвестициска групација и извршен партнер Ванчо Толоманоси е роден во мало планинско село во близина на Охрид и заминал во Америка на 4-годишна возраст. Посочи дека Толоманоси ја почнал кариерата во ИТ секторот, по што основал неколку ИТ компании, а работел и како консултант на полето на приватен капитал.

- Со неговиот тим планира да инвестира неколку милиони долари и да обезбеди до 200 работни места во следните години. Тие ќе бидат уникатни, мошне технички и високо платени работни позиции бидејќи ова не е обичен земјоделски проект, туку ќе изгледа повеќе како современа лабораторија бидејќи тие ја комбинираат најстрого контролираната околина за органско одгледување со современи техники за да го задоволат светот на фармацијата и медицината, додаде Наумоф.

Толоманоси рече дека канабисот ќе биде медицински спасител за многумина кои се борат со болести како рак или детска епилепсија и се очекува да достигне преку 20 милијарди бруто продажба во ЕУ до 2021 година.

Џон Монтгомери, инвеститор за медицински канабис и експерт во областа истакна дека ќе го испорачаат најквалитетниот медицински канабис на пазарот.  - Ние ќе го зголемиме бројот на работни места и ќе вработуваме македонски работници. Нашите одгледувачи експерти ќе ги обучат нашите вработени тука. По речиси една деценија во оваа индустрија, ние сме многу сигурни во нашата способност да го донесеме најквалитетниот лек во оваа убава земја, рече Монтгомери.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров рече дека денешниот настан е резултат на заложбите на Владата и Министерството за овозможување употреба на канабисот во медицински цели во Република Македонија. Со оваа инвестиција, посочи, ги поставуваме темелите на одгледувањето канабис за медицински цели во Република Македонија.

- Одгледувањето на медицинскиот канабис во компанијата, ќе се одвива по индор-технологија на површина од околу 2.000 метри квадратни. Компанијата планира да произведува 20 различни производи од медицинскиот канабис, зависно потребите на македонскиот и европскиот пазар, а според информациите од компанијата, првиот финален производ се очекува да го имаат некаде околу август годинава, рече Тодоров.

Покрај оваа компанија, посочи, уште неколку други имаат поднесено барања за добивање дозвола за одгледување коноп за медицински цели, а за една од нив постапката е веќе во финална фаза. Потенцира дека во Република Македонија има одобрени производи на база на канабис кои во својот состав имаат помалку од 0,2% THC и тие се издаваат во аптека без рецепт (тоа се вкупно шест различни производи, во облик на масло, супозитории и маст), од кои досега продадени се околу 10.000 пакувања.

- За точно утврдените 4 медицински индикации на пазарот се достапни шест различни формулации на медицински канабис (една за епилепсија, една за ХИВ, две за карцином и две за мултиплекс склероза). Досега, продадени се околу 700 пакувања за канцер, околу 250 пакувања за мултиплекс склероза и околу 150 за епилепсија, додаде Тодоров.

На означувањето на почетокот со работа на оваа инвестиција присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој рече дека таа е резултат на владините роуд шоуа за привлекување странски инвестиции, а ќе донесе 200 нови вработувања.

- Борбата да се привлечат инвестиции понекогаш е долгорочна работа. Денеска присуствував на почеток со работа на компанија од Америка со која што првиот контакт го имавме пред 4 години во Бостон на тогашното роуд шоу... Ефектите доаѓаат подоцна ако промоцијата добро се изработи. Сега одлучиле да инвестираат токму тука во Македонија, да вработат 200 лица, да инвестираат неколку милиони евра и да извезуваат годишно по 10 милиони долари. Тоа е сериозна инвестиција со која 200 семејства ќе најдат егзистенција, а ќе се рестартира и еден од погоните на ОХИС, рече Груевски.