Ибрахими: Над 43 илјади нови вработени со владините мерки, годинава 10 илјади нови

Околу 43 илјади лица се вработени досега во Македонија преку владините мерки за вработување, а за годинава се планирани уште нови 10 илјади.

- Досега остварените вработувања зборуваат дека сме направиле позитивен исчекор во намалување на невработеноста, но, исто така и овие десет илјади планирани за годинава, за кои верувам дека ќе се реализираат, зборуваат дека сме на вистинскиот правец, рече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими по посетата на компанијата за канцелариска опрема и технички уреди „Анхоч“, корисник на овие владини мерки.

Тој додаде дека и проектите Македонија вработува еден и два исто така дале позитивни ефекти.

- Само преку Македонија вработува 1 се обезбедени 25.000 нови вработувања, а 6.600 вработувања досега преку Македонија вработува 2. Ги повикувам сите компании да го искористат периодот до 20 јули, до кога е крајниот рок за аплицирање за Македонија вработува 2, да аплицираат и да ги искористат поволностите што ги нуди токму овој проект, се со цел зголемување на вработеноста и креирање нови работни места, истакна Ибрахими.

Потенцира дека во изминатите десетина години била постигната бројка од над 150 илјади вработувања, што, како што истакна, значи дека Владата креирала добри политики и ги реализирала во насока на намалување на невработеноста.

Раководителот на Центарот за вработување Скопје, Слободанка Алексовска истакна дека компанијата што денеска ја посетија е многу успешен пример на компанија која има вработено лица преку овие мерки.

- Ова е една од многуте компании што ги користи мерките со цел да им се овозможи полесно да отворат нови работни места со помош на значајни финансиски надоместоци кои ги добиваат преку мерките, а на таков начин се овозможува невработените полесно да најдат слободни работни места, рече таа.

Алексовска напомена дека во моментов се отворени повици за повеќе од активните мерки и апелираше сите кои сакаат да искористат некоја од поволностите што ги нудат тие да аплицираат во центрите за вработување во Република Македонија.

Ивица Ангелески од  Анхоч информира дека како компанија имаат искористено дел од поволностите за вработување нови лица што ги нуди Владата на Република Македонија и тоа преку проектите Македонија вработува еден и два, како и мерката за вработување лица до 29 години.

Тој информираше дека на ваков начин тие имаат вработено 38 лица што, како што истакна, е една третина од вкупниот број вработени во компанијата.

- Поволностите што ги дава Владата преку мерките не се од помош и од интерес само на лицата кои бараат работа за полесно да се вработат, туку им помагаат и на компаниите кои имаат потреба од нови вработени, рече Ангелески и изрази надеж дека вакви мерки ќе продолжат да се спроведуваат и во иднина.