Одбележани 114 години од загинувањето на Гоце Делчев

Со панихида и положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев денеска во црквата „Св. Спас“ во Скопје беа одбележани 114 години од загинувањето на овој македонски револуционер.

Цвеќе положија делегации на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Емил Димитриев, на Собранието на РМ, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, институции, училишта, здруженија и граѓани.

Панихидата за Гоце Делчев ја отслужи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан со повеќе свештеници од МПЦ-ОА.

Перса Билинска, кустос во црквата „Св.Спас“, потесети дека моштите на Делчев се пренесени од Софија на 10 октомври 1946 година како договор потпишан од претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито и премиерот на Бугарија Георги Димитров. 

Цвеќе беше положено и пред споменикот на Гоце Делчев на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Делчев бил убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2 до 7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се уште не се созреани политичките услови за кревање востание, кое сепак се случи на Илинден, три месеци подоцна.

Роден е на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Во зачуваните писма, Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население.

 

Категорија: