Македонија и Кина потпишаа меморандум за соработка во областа на трудот и социјалата

Република Македонија и Народна Република Кина денеска во Скопје потпишаа Меморандум за соработка во областа на трудот и социјалната сигурност.

Меморандумот претставува продлабочување на досегашната соработка меѓу двете држави во оваа област и со него ќе се овозможи размена на искуства и експерти, размена на посети на министерско ниво, како и заедничко организирање на обуки и реализација на заеднички проекти.

Од македонска страна документот го потпиша министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, а од страна на Кина заменик - министерот на Министерството за човечки ресурси и социјална сигурност Фу Џингуо.

Двајцата оценија дека билатералната соработка со движи во нагорна линија и оти со потпишувањето на меморандумот се очекува таа уште повеќе да се интензивира. 

- Со Меморандумот државните службеници од Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и од Министерството за социјална сигурност на НР Кина ќе имаат одлична можност взаемно да си помагаат и соработуваат во областа на трудовото законодавство, креирањето и имплементирањето на политиките за вработување со посебен акцент на вработувањето на младите, трудовата инспекција и социјалната сигурност, како и со акцент на шемата на старосно социјално осигурување со што ќе се обезбеди создавање на подобри услови за живот на граѓаните на двете пријателски земји, истакна министерот Ибрахими.

Заменик-министерот на кинеското Министерство за човечки ресурси и социјална сигурност посочи дека денешниот меморандум е првиот документ за соработка меѓу двете држави во областа на трудот, вработувањето и социјалната сигурност.

- Верувам дека соработката во областа на трудот, вработувањето и социјалната сигурност ќе игра значајна улога во билатералните односи меѓу Македонија и Кина и ќе придонесува кон социјалниот развој, рече  Џингуо.

Кинеската делегација предводена од заменик - министерот за кинеското Министерство за човечки ресурси и социјална сигурност е во неколкудневна посета на Македонија.