Промовирани нови наслови од проектот „Превод на 1.200 стручни и научни книги“

Нов 31 наслов од проектот за „Превод на 1.200 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на најдобрите десет светски универзитети“ денеска беа промовирани во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Новите наслови се од областа на педагогија, медицина и земјоделство. Меѓу нив се делата „Стратегии за управување во училница“ од Џејмс Канџелози, „Детето, семејството и општеството“ од авторот Џенет Гонзалес-Мена, „Компликации кај забните импланти“ од професорот Стјуард Фроум, „Модерна архитектура“ од Кенет Фрамптон, „Курс за јавна економија“ од Џон Лич, „Финансиски менаџмент во земјоделството“ од Питер Бери.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека ова е 65 промоција на нови книги откако почна имплементацијата на капиталниот владин проект за превод на стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија. 

- Ова е втора промоција откако почна реализацијата на нашето ветување и планот за надградба на првичниот и веќе реализиран концепт за превод на 1.000 книги, со дополнителен книжевен фонд од нови 200 наслови, кои етпано по 50 наслови, почнувајќи од оваа календарска година ќе бидат преведувани во следните четири, рече Ритовски.

Книгите се наменети за студентите, професорите, научниците, научно- истражувачките работници, бизнис заедницата и сите заинтересирани кои сакаат да го надградат своето знаење.

Ристовски истакна дека зад книгите и учебници стојат врвни и светски автори со богати биографии од аспект на постигнувањата во професиите со кои се занимаваат. Делата се достапни во сите универзитетски, факултетски, народни библиотеки, специјализираната читална во ГТЦ, а ги има и во слободна продажба во поголемите издавачки куќи и книжарници. 

- Овој проект ја зголемува пристапноста до најсовремената стручна и научна литература, што значи и доближување до врвната светска академска мисла. Но, од друга страна пак, поттикнува и учество на наши граѓани во меѓународниот интелектуален дијалог во најразлични научни и стручни области, истакна Ристовски.

Тој истакна дека ова е еден од најблагородните проекти кои ги реализирале во изминатите години.