Директорот на Меѓународна агенција за атомска енергија во посета на ПЕТ Центарот

Финализираа сите активности пред отпочнување на ЈЗУ Универзитетски Институт за позитронско емисиона томографија (ПЕТ Центар) со работа со пациенти. По тој повод денеска во посета на ПЕТ Центарот беа генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано и вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.

На прес-конференција во ПЕТ Центарот, Тодоров истакна дека ова е финална процедура согласно препораките од Меѓународната агенција за атомска енергија кои се предвидени пред започнувањето на ПЕТ Центарот со работа со пациенти, имајќи предвид, како што рече, дека станува збор за најсовремен, најсложен и единствен објект од ваков тип не само во Македонија, туку и во поширокиот регион.

- Објектот на ПЕТ Центарот го изградивме од темел и денес имаме комплетно нов објект изграден според воспоставените европски и светски стандарди, како во делот на молекуларната дијагностика, така и за производство на радиофармацевтици. Секоја фаза од процесот беше валидирана, одобрена и сертифицирана од Меѓународната агенција за атомска енергија и практично сега го заокружуваме процесот и ПЕТ Центарот е подготвен во претстојниот период да почне да работи со пациенти, потенцира Тодоров.

Во соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија, посочи тој, овозможивме континуирана едукација на кадарот во ПЕТ Центарот од страна на врвни експерти од реномирани странски универзитети, како што се проф. Димитриј Соловјев од Кембриџ и проф. Ракеш Ганатра од Нотингем со кои денеска имаше работен состанок.

Нагласи дека целта е со оваа дијагностика да овозможат рано откривање на малигни и други тешки заболувања, имајќи предвид дека со оваа најсовремена опрема може да се детектира и една единствена малигна клетка во човечкиот организам.

- Најсовремената дијагностика во ПЕТ Центарот ќе овозможи прецизна дијагноза, како и прецизно следење дали е ефикасна терапијата кај пациентите со малигни заболувања. ПЕТ дијагностичките постапки ќе бидат достапни за граѓаните како дел од пакетите на услуги на ФЗОМ. Приватните пациенти и пациентите од странство ќе имаат исто така пристап до сите услуги и тоа не само до препарати кои се сега достапни комерцијално, туку и до оние кои се достапни само со центри кои имаат сопствено производство, рече Тодоров.

Додаде дека со производството на радиофармацевтици ќе се овозможи и извоз на радиоактивни изотопи во регионот, а воедно со најсовремената дијагностика во оваа установа, Република Македонија ќе се искачи на рангот на најразвиените здравствени системи во Европа.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано истакна дека оваа импресивна институција ќе го зголеми квалитетот на здравствената заштита кај пациентите во Република Македонија не само во земјата, туку и во регионот.

- Борбата против канцерот е голема заложба на Меѓународната агенција за атомска енергија. Со сите сили се обидувам да придонесам и да помагам за подобрување на здравствената заштита на овие пациенти. Оваа институција покажа дека е способна да биде тренинг центар. Двомесечна обука се одржа за фармацевтите од африканските земји и беше целосно поддржана од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија, додаде Амано и се заблагодари за успешноста на проектот.

Директорот на ЈЗУ Универзитетски Институт за позитронско емисиона томографија, Емилија Јаневиќ Ивановска најави дека од понеделник  здравствените услуги од ПЕТ Центарот ќе бидат во „МојТермин“.

Таа ги наброја активностите на  ЈЗУ Универзитетски Институт за позитронско емисиона томографија меѓу кои се: завршена инсталација, квалификација и валидација на опрема и реализирана пробна работа, завршена валидација на системите за вентилација - контролираната и класифицираната зона во објектот, завршена инсталација на ПЕТ/КТ камерата, направена валидација, калибрација, тестирање и реализирана половина од предвидената обука, добиена дозвола за работа со циклотрон и производство на ДРС за две години, обука на стручен кадар во Болоња, почнати здравствени специјализации на младите кадри...

Категорија: