Заев го осуди нападот врз Тодоров

Премиерот Зоран Заев денеска го осуди нападот врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. 

- Јас го осудувам ваквиот начин. Недозволиво нешто дури и да се помисли, а не пак да се изврши таква работа. Драго ми е што поранешниот министер Никола Тодоров е безбеден и сигурен, заради тоа што ние сме луѓе, треба да си помагаме, не треба да си испраќаме никакви лоши пораки и, навистина, освен сериозна осуда и не дај боже да се повтори никому, ништо друго не би посакувале, рече Заев. 

Заев и неговиот владин кабинет и претседателот Ѓорги Иванов, кој утрово ги прими премиерот и новите министри, констатирале потреба за соработка.

- Јас знам дека ќе ми треба соработка со претседателот на државата. Истовремено, тој и неговиот кабинет знае дека ќе треба соработка со Владата, заради тоа што постоиме и ги извршуваме функциите во интерес на граѓаните и државата. Искрено се надевам на соработка, ќе направиме се оваа соработка да биде на највисоко можно ниво, заради тоа што од таквата соработка интерес имаат граѓаните, рече премиерот.

Одговарајќи на прашања за барањето оставка на јавниот обвинител Марко Зврлески, Заев рече дека со тоа за него почнале реформите во правосудството.

- Паралелно со реформите ќе работиме со комплетен приоритет на унапредување на економскиот квалитет на животот на граѓаните, рече тој. Како неговата прва работна задача го спомена укинувањето на екстерното тестирање на учениците.  

Премиерот кажа дека за време на средбата со поранешниот технички премиер Емил Димитриев бил информиран дека состојбата во Буџетот е стабилна односно дека, како што рече, не е нешто блескава ама не е ни драматична.

- Ова сериозно ме успокојува, малку заради тоа што знаете дека на крајот од денот од парите зависи се, парите се за граѓаните. Верувам дека успешно ќе менаџираме со финансиските средства на државата, рече Заев.

На прашањето дали ќе ја отстрани оградата околу Владата, Заев рече дека уште денеска ќе даде насока да се отворат портите.  

- Владата мора веднаш да биде отворена. Верувам дека постојат процедури, законски нормативи, ја негувам отвореноста на Владата, Владата мора да биде достапна за вас, новинарите, за граѓаните, смета тој. 

За тоа дали ќе се всели во резиденцијата на Водно, премиерот рече дека за време на викендот ќе ја отвори дебатата во семејството на таа тема.

-  Јас верувам дека 150 километри нема да бидат пречка да покажеме пред цела Македонија дека не само што може некој од внатрешноста да стане премиер, туку може и да функционира живеејќи во внатрешноста како премиер. Ми ветија, веројатно, ќе доаѓаат за време на викенд кога не се на училиште, овде. Нема да спијам повеќе во партијата. Имам намера да бидам и татко, и родител, и пријател и другар. Ние 24/7 нема да работиме - ќе бидеме и родители, ќе бидеме и пријатели, ќе бидеме обични луѓе зашто верувам дека како таков им требам и на граѓаните на Македонија, рече Заев по примопредавањето на должноста во Владата на РМ. 

Категорија: