Министерката Шекеринска се сретна со генерал Величковски

 

 Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски. На средбата заеднички беше констатирана заложбата за добра, квалитетна и успешна соработка во периодот што следува.

Министерката Шекеринска, информираат од МО, упати уверување до генералот Величковски дека стои на располагање и дека ќе има блиска соработка која ќе биде во интерес на Армијата и на Владата на Република Македонија.

- Тука сум за да се вратиме на нашата определба за членство во Алијансата, за да ја направиме вистински реформи, реформи кои ќе бидат корисни за сите. Силно ќе се залагам за зголемување на буџетот на АРМ и подобрување на професионализацијата во неа. Армијата да биде забрането место за сите политички партии вклучително и од партијата од која што доаѓам, рекла министерката Шекеринска.

Генералот Величковски упатил честитки до министерката за нејзиното поставување и додал дека се радува што влијателна личност е на чело на Министерството за одбрана и се надева дека тоа влијание ќе биде искористено за подобрување на состојбата во Армијата.

- Прв пат на чело на Министерството имаме жена министер, што е предизвик сам по себе. Се радувам што Министерството добива влијателен министер. Армијата секогаш ќе биде во поддршка на Министерството за одбрана, и очекувам тоа да биде и обратно. Воедно во периодот што следува ќе имаме можност за размена на идеи корисни за Армијата, а со тоа и за безбедноста на државата, истакнал Величковски.

Тој додал дека не очекува дека состојбите веднаш ќе се подобрат, но дека со заемна соработка која ќе се заснова на приоритетите и потребите на Армијата ќе се постигне заеднички успех. Во тој контекст министерката Шекеринска се осврнала и на основните потреби на припадниците на АРМ како што е опрема, униформа, чизми и останато и додала дека ќе сторат се за да најдат решенија за искористување на домашните компании, што ќе влијае и на подигнување на домашната економија.