Премиерот Заев до премиерот Марковиќ: Сигналот на отворени врати на НАТО и примерот на Црна Гора се мотив за Македонија и перспектива за регионот!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, испрати Честитка до премиерот на Република Црна Гора, Душко Марковиќ за приемот на Црна Гора во НАТО Алијансата.

„Во име на граѓаните и на Владата на Република Македонија им честитам на граѓаните и на Владата на Република Црна Гора за огромниот исчекор кон демократскиот свет, преку интеграцијата на вашата држава како 29. полноправна членка на НАТО Алијансата.

Примерот што го дава Црна Гора е порака дека ако има политичка волја и граѓанска свест за важноста на потребните реформски процеси, тогаш нивното исполнување се реализира со потребната динамика и тоа ги отвора перспективите и за луѓето и за државата.

Овој сигнал на отворени врати на НАТО Алијансата е силна мотивација за новата Влада на Република Македонија што ја предводам, да продолжи да работи според демократските вредности и владеењето на правото и вложувајќи во потребната модернизација на Армијата според НАТО стандардите, во најкус можен рок да ја обезбеди атлантската иднина и на Република Македонија.

НАТО е пред се сојуз на демократии и граѓаните на Македонија, како и граѓаните на Црна Гора и на целиот регион, имаат потреба да бидат дел од цивилизираниот свет што носи  стабилност и безбедност како во нашите држави, така и во светот“, напиша во Честитката за приемот на Црна Гора во НАТО, премиерот Заев до црногорскиот колега Марковиќ.