Средба на премиерот Заев со амбасадорите од ЕУ - силна поддршка за посветеноста кон реформската европска агенда и за определбата Македонија да биде европска држава

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Бујар Османи и Радмила Шекеринска денеска се сретна со амбасадорите на земјите членки на Европската унија.

Од страна на сите амбасадори на Европската унија во Македонија, изразена е силна поддршка за определбата на премиерот Заев и на Владата кон реформска агенда што ќе ги отвори перспективите на Република Македонија кон Европа.

„Посветени сме на дефинирање краткорочна и среднорочна агенда за ургентните реформски приоритети. За тоа ќе разговарам и со еврокомесарот Хан во Брисел. Евро-атлантските интеграции се стратешка цел на Македонија  и интерес на граѓаните на Македонија е да добие демократски институции“, рече претседателот на Владата, Заев.

Како клучни области во коишто се потребни итни реформи заеднички се посочени судството, медиумите, обезбедување независни професионални институции, функционалност на Парламентот.

На средбата беа поздравени инклузивните политики на премиерот Заев и на новата Влада и беше пренесена порака на оптимизам од Брисел, дека Владата на Македонија ќе ја постави државата на европскиот пат. Како значајна, беше нагласена определбата на премиерот и на Владата, Република Македонија да биде европска земја.   

„Владата на Република Македонија и јас како премиер сме подготвени во интерес на потребите на сите граѓани на Македонија да соработуваме со опозицијата и со претседателот на државата. Исто така насочени сме кон соработка со цивилниот сектор и со сите други општествени чинители, затоа што само заедно можеме вистински да придонесеме кон развој на Македонија, а со тоа и да обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани во државата“, рече премиерот Заев.  

На средбата со амбасадорите, претседателот на Владата на Република Македонија, во име на граѓаните на Македонија, изрази благодарност до земјите членки на ЕУ за помошта и поддршката на принципиелно и пријателско ниво што и ја даваат на државата, во развојот на демократските процеси.