Премиерот Заев по средбата со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг: Се надеваме дека Македонија ќе биде следната добра вест што ќе дојде од НАТО!

Почитувани претставници на медиумите,

Дозволете и јас да го изразам моето задоволство од приемот овде во централата на НАТО Алијансата, од генералниот секретар на НАТО и неговиот тим. Сакам да изразам благодарност за поддршката која ја добиваме од НАТО, вклучително  и од локалната канцеларија на НАТО во Скопје. Во духот на идната блиска соработка упатив покана и до генералниот секретар да ја посети Македонија.

 Го поздравуваме членството на Црна Гора во НАТО, тоа е големо охрабрување за нас.  Се надеваме дека за брзо време ние ќе бидеме следната добра вест што ќе дојде од НАТО.

 Многу е важно регионот на Западен Балкан да биде безбеден и стабилен. Добри односи со соседите се од исклучителна важност. Посветени сме да ја подобриме соработката со нашите соседи и да оствариме посилна регионална соработка.

 Република Македонија е докажан партнер на НАТО. Даваме придонес во мисиите на ЕУ и НАТО од 2002 година. Во ИСАФ бевме четврта земја пер капита со нашиот придонес. И во иднина ќе бидеме на заедничка страна со НАТО. Насилниот екстремизам и радикализам се заеднички предизивици.  Ќе ги превземаме сите мерки за да ги надминеме.

 Би можеле да дадеме уште поголема поддршка ако сме членки на НАТО. Во Република Македонија постои силна политичка поддршка од сите партии и етнички групи, како и силна поддршка од јавноста за членство во НАТО. Воедно, ние сме посветени на зајакнување на воените и безбедносните капацитети, за да ги постигнеме стандардите на НАТО.

 Но се што сме направиле не е доволно за полноправно членство. Соочени сме со дополнителна и посебна пречка. Иако тоа не е фер, ние сме посветени на подобрување на односите со соседите, зајакнување на дијалогот и на мерките за градење доверба.

 Посакуваме членството во НАТО да биде и за нас реалност во догледно време. Посветени сме и на домашни реформи кои се усогласени со ЕУ. Посветени сме да ја подобриме демократијата и да ја зајакнеме социјална кохезија меѓу сите граѓани. Отворени сме за соработка за сите кои сакаат да придонесат кон нашата заедничка иднина – а тоа е Република Македонија како демократска држава да биде дел од Евро-Атлантското семејство.

 

Одговор на новинарско прашање

П: Г-дине премиер, постои некаква забуна во врска со хронологијата на вашиот план за отпочнување на преговорите за членство во НАТО? Дали ќе се обидете да влезете под друго име? Планирате ли тоа да биде Горна Македонија, БЈРМ? Дали може да ги отпочнете разговорите во овој правец за да можете да го доставите предлогот на референдум пред вашите граѓани? Дали може да ни појасните кој е начинот по кој ќе се движите понатаму?

Благодарам на прашањето, навистина сиве овие години на блокиран процес на интеграциите на Република Македонија во НАТО, не научи сите и испрати порака, се надевам до целиот регион, дека меѓу другото стоењето во место предизвикува и кризи во Република Македонија. Како што реков, ќе се обидеме на сите можни начини да ја придвижиме Македонија кон нејзиното полноправно членство во НАТО. Јас очекувам поддршка од граѓаните во Грција преку власта и преку опозицијата, во поглед на решавање на овој проблем. Постојат овде алтернативи, ние се надеваме дека и со привремената референца можеме да станеме членка на НАТО,  а притоа продолжуваат разговорите на Република Македонија со Грција за нашиот интегративен процес во ЕУ. Или како што покажа до сега и искуството од Црна Гора, барем со привремената референца да добиеме покана од НАТО во согласност со договорите со Грција, а додека тече ратификацијата во сите 29 членки на НАТО, секако добиваме некои 2 години дополнително да изнајдеме решение. Сите можни алтернативи за нас се на располагање, секако, зависи и тоа многу од нашиот јужен сосед. Но, ние ќе бидеме само причина повеќе за да се изнајдат позитивни решенија за стабилност на регионот, а секако тоа е највозможно ако меѓу другото и Македонија стане полноправна членка на НАТО Алијансата.