Средба на премиерот Заев со рускиот амбасадор Шчербак: Ќе ги развиваме односите на демократска основа, со можности за унапредување на економската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнево се сретна со Олег Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија.

На средбата се разговараше за приритетите на новата Влада во Македонија како и можностите за соработка помеѓу Република Македонија и Руската Федерација на демократска основа и во областите значајни за граѓаните за двете земји.

„Приоритет за Република Македонија е членство во Европската унија и во НАТО. За таа цел насочени сме кон брз и квалитетен реформски процес“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев нагласи дека Република Македонија е определена да ги јакне односите со државите пријатели на Македонија, во духот на демократските вредности и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Заеднички е констатирано дека постојат услови да се унапреди економската соработка меѓу двете држави.

„Развојот на соработката во областа на економијата, трговијата, културата, образованието може да донесе добро за граѓаните на двете земји“ рече премиерот Заев.

Амбасадорот Шчербак му врачи на премиерот Заев честитка од премиерот Дмитриј Медведев, за неговото именување за претседател на новата Влада на Македонија. Премиерот Заев врачи на рускиот амбасадор Шчербак честитка за 12 јуни – националниот ден на Руската Федерација.