Средба на премиерот Заев со високата претставничка од ОН, Ваеза – во новата Влада се гледа партнер во развојот на родовите политики

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнево се сретна со Мариа Ноел Ваеза, директорка на Програмата за жените на ОН, оддел на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените и Доминика Стојаноска, шефица на Канцеларијата на ОН во Скопје.

На состанокот се разговараше за унапредувањето на улогата на жените во општеството, како и за значајноста на прашањето за обезбедување родова еднаквост.

Поздравена е насоченоста на премиерот Заев и на новата Влада кон имплементација на родовата еднаквост во генералните политики.

Премиерот Заев ја нагласи решителноста на Владата, во Република Македонија достоинствено да се третираат и почитуваат родовите политики.

„Доказ за тоа се бројните мерки во Програмата на Владата, со што обезбедуваме еднакви можности за жените и за мажите во општеството, преку еднаков пристап до платена и пристојна работа, како и зајакнување на институционалната грижа во семејствата со цел еднаква распределба на домашните обврски меѓу жените и мажите.

На средбата е нагласена потребата од учество на жените во мировни процеси, за што ОН веќе работат на Акционен план, со цел поголема вклученост на жените во одбрамбените процеси. Премиерот Заев соопшти дека Владата на Република Македонија веќе има министерка жена, на раководна позиција во Одбраната и дека во план е вклучување на жени и на други значајни општествени позиции. 

Високата претставничка од ОН, Ваеза, изрази поддршка на евро-атлантските аспирации на Република Македонија и оцени дека гледаат добар партнер во Владата на Македонија, за продлабочување на натамошната соработка со нашата држава. 

Претседателот на Владата, Заев се заблагодари на бројните проекти на развојната мрежа на ОН, УНДП, во Македонија, што придонесува кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Македонија во различни значајни области.