Владата именуваше нови директори, докажани експерти и професионалци, во Бирото за јавна безбедност и во Управата за безбедност и контраразузнавање

 

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе повеќе важни одлуки за потребите на граѓаните и направи потребни кадровски промени во интерес на стабилноста и безбедноста на граѓаните и на државата.

Владата постави нови директори, докажани експерти во Бирото за јавна безбедност и во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Нов директор на Бирото за јавна безбедност е Лазе Велковски. Од оваа позиција е разрешен досегашниот директор Митко Чавков. Нов директор на Управа за безбедност и контраразузнавање е Горан Николовски. Од директорската позиција е разрешен Владимир Атанасовски.

На владината седница е констатирано дека новоименуваните директори, Велковски и Николовски, се квалитетни експертски решенија со долгогодишно работно искуство во областа, кои не биле и не се членови на политички партии. Изразено е уверување дека Велковски и Николовски успешно ќе одговорат на одговорностите во двата важни органа за безбедноста, што функционираат при МВР, на чии челни позиции се поставени, со оглед дека претстојат сериозни реформи во МВР и во тајните служби, согласно забелешките на Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе.

За разрешените директори Чавков и Атанасовски е констатирано дека учествувале во недозволиви и незаконски активности против државата.

Исто така, Владата, на денешната седница заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија, Марко Зврлевски да го разреши од функцијата јавен обвинител на Република Македонија. Одлуката за разрешување на републичкиот обвинител Зврлевски е донесена поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.  Констатирано е дека обвинителот Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил нарушил угледот на функцијата.

Владата на Република Македонија, на денешната седница донесе одлука да овозможи бесплатна услуга, одмор и рекреација, на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за ова лето, 2017 година, за што е задолжено е Министерството за труд и социјална политика во рок од 5 дена  да донесе Програма за седум дневен одмор за време на летниот распуст во учебната 2016/2017 година.

Владата ја разгледа и усвои информација за штетите врз земјоделски култури од невремето на 14 јуни во скопскиот, тетовскиот, велешко – светиниколскиот, кумановскиот, штипскиот и гевгелискиот регион. Задолжено е ресорното Министерство за земјоделство да формира комисии коишто по поднесените барања од земјоделците ќе ја утврдат настаната штета. Рокот за поднесувње на барањата е од 19.06 до 30.06.2017, а се достауваат до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На денешната седница Владата за членови на Економско-социјалниот совет ги именуваше Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, Драган Тевдовски, министер за   финансии, Крешник Бектеши, министер за економија и Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските.

Владата го усвои предлогот на Министерството за образование за објавување Конкурс за запишување студенти наа прв циклус студии на студиските програми на универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, во учебната 2017/2018 година. Донесена е и одлука за дополнителни квоти за запишување студенти, припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија во прва година – прв циклус на студии, на јавните високообразовни установи на универзитетите:  Свети Кирил и Методиј во Скопје, Свети Климент Охридски во Битола, универзитетот во Тетово, универзитетот Гоце Делчев во Штип, универзитетот за информатички науки и технологии Свети Апостол Павле во Охрид и универзитетот Мајка Тереза во Скопје, во учебната 2017/2018 година.

Владата ги разреши членовите на Управниот одбор на шумскиот резерват Јасен. За нови членови на УО на Јасен се именувани Марјан Даскаловски, Зоран Наков, Ирена Станкоска, Ристо Спасовски и Илми Селмани.

Владата на денешната седница постави нови директори и на УЈП и на Агенција за храна и ветеринарство. За директорка на УЈП е именувана Сања Лукаревска, а за директор на Агенцијата за храна и ветеринарство е именуван Зоран Атанасов.

Владата, за в.д. директор на Државниот просветен инспекторат го именуваше Томе Спировски. Разрешена е в.д. директорката Надица Николоска, поради тоа што е констатирано дека и е истечен мандатот од 9 мај 2017 година.

Од вршител на должноста директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, на негово барање е разрешен Ванчо Шехтански. 

Категорија: