Заев: Денеска отвораме поглавје на заедничка европска иднина на сите

 

Моето чувство коешто го имам цело ова време наназад со изјавите на премиерот Борисов додека траеше кризата во Македонија ќе го споделам овде јавно пред граѓаните, преку вас медиумите. Сите изјави беа во функција на помош на Македонија со желба да се надмине кризата, да се воспостави дијалог заради тоа што Македонија има европска иднина, а има и пријатели коишто сакаат да и помогнат. Јас тоа го почитувам бескрајно и среќен сум заради тоа што Македонија има таков пријател со премиерот Борисов. Тој денеска е буквално среќен што може да испрати пораки како премиер на земја сосед што може да помогне на својот сосед. Такви земји како мојата можат само да бидат среќни што Бугарија е така поставена и што има такво раководство. Јас верувам дека тоа и ние ќе го оправдаме заради тоа што и нашето пријателство е искрено. Денеска не сме овде само да побараме помош оти ни треба помош. Нашата намера е искрена, ние сакаме да придонесеме во севкупниот амбиент на соработка помеѓу нашите две земји. Денеска оваа порака што ја испраќаме ќе биде силно охрабрување за граѓаните на мојата земја. Јас од овде сакам да испратам и порака до пријателска Грција, навистина ни треба поддршка и помош и од Грција. И таа е земја членка на Европската Унија како што е и членка на НАТО. Градејќи го добрососедството и меѓусебното пријателство, јас сум убеден дека и западните земји многу повеќе ќе не почитуваат отколку што е тоа сега, заради тоа што тие сакаат да видат дека ние си пружаме рака, си помагаме таму кадешто можеме. Во тоа име, очекувам овој позитивен дух којшто премиерот Борисов и неговата Влада, го испратија во функција на унапредување на односите помеѓу двете земји, навистина ќе го следи и Република Грција. Јас испраќам порака и овде до Бугарија и до Грција, Македонија денеска затвара едно поглавје на историја на национализам, на омраза, отвараме поглавје на европска заедничка иднина на сите, заради тоа што историјата може само да не зближи, а да не не разделува. А европската иднина којашто ја имаме пред нас, навистина е придобивка којашто треба да ја чувствуваат сите граѓани на целиот овој Балкан, овде, којшто е заеднички дом на сите нас коишто живееме. Затоа, немам предрасуди да си побарам поддршка и помош. На мојата земја и треба поддршка и помош. Бугарија денеска тоа го прави кон Македонија. Јас верувам дека и Грција тоа ќе го прави. Знам дека тоа ќе го направи и Албанија и Косово и Србија, но земјата којашто прва не призна денеска еве, го прави и првиот чекор кон нашите аспирации и амбиции навистина да ги убрзаме процесите кон интеграција во НАТО и во Европската Унија.

 П2: За двајцата премиери, има уште еден мал детал, рече г-динот Заев од договорот кој треба да се усогласи до 2-ри август. За што се работи, дали е проблем македонскиот јазик и дали договорот ќе биде потпишан на македонски и бугарски јазик или е нешто друго што сега би ни кажале? До г-динот Борисов, дали по потпишувањето на договорот, ќе бидат отстранети сите пречки и Македонија ќе ја има целосната бугарска поддршка за преговори со Европската Унија и влез во НАТО?

 Денеска ова што го правиме е повредно од секој можен договор. Оваа порака на пријателство, ова гостопримство и поддршка којашто ја добиваме, ова взаемно констатирање за сите предрасуди коишто досега биле отворани, овој чин на заедничко поклонување пред споменикот од заедничката историја навистина вредат од било кој договор. Се работи, навистина за мали детали коишто повеќе стручно службите ќе ги затворат. Повеќе нема да има комисии за преговори, ќе преговараат двајцата министри со своите кабинети, министрите за надворешни работи за да може да го усогласат тоа што остана малку, за да можеме секако како една цел што си ја дадовме пред нас, на 2-ри август при возвратната посета на премиерот Борисов и неговиот кабинет во Македонија да го потпишеме договорот. Навистина се мали детали коишто верувам дека ќе бидат решени, знаејќи дека добро е пред есента да го имаме затворено и ова прашање. Јас сакам да им се заблагодарам на комисиите коишто досега работеа, остварија 11 средби и навистина помогнаа многу да ние денеска го направиме на овој разговор што го имавме претпоследниот чекор и останува уште последниот чекор којшто сум уверен и убеден, дека на 2-ри август ќе го направиме.

 П3: Г-дине Заев дали може да ни ги покажете лузните од тоа што се случи?

 Лузните остануваат за да бидат спомен и патоказ да не се повтори никаде тоа што се случи во Македонија и никогаш повторно ниту во нашата земја ниту било каде во светот. Јас сум православен христијанин, јас верувам во Господ и уште истата вечер, простив. Секако, законот мора да важи за сите и ако некој направил кривично дело тој треба да си одговара. Но лично во мојата душа не носам омраза ниту пак потреба за некоја освета. Јас од овде благодарение на вашето прашање испраќам порака за соработка со опозицијата. Ние знаеме дека ќе имаме успешен период пред нас ако имаме соработка со опозицијата. Убедени сме дека успехот треба да биде заеднички. Можеби јас ја имам честа и одговорноста да ја водам Владата во Македонија, но без опозицијата не можеме да успееме. Ни треба опозицијата заедно во државата, како што ни треба граѓанскиот сектор и целиот експертски капацитет којшто постои во Македонија и тоа не е доволно. Видовте, побаравме поддршка од Бугарија и ќе ја добиеме таа поддршка којашто може искуствено да ни помогне. Навистина има еден позитивен амбиент околу Македонија и од Брисел и од Вашингтон. Кога соседите, еве помагаат, верувам дека нашата земја конечно ќе исчекори чекор напред, за нас е тоа живот, за нас тоа значи европски фондови, за нас тоа значи стабилност, за нас тоа значи добри перспективи за нашите генерации коишто доаѓаат после нас. Во тоа име, веќе направивме чекори за прв пат од самостојна Македонија, во пет комисии од нашиот Парламент, опозицијата да има мнозинство. Тие ги раководат со повеќе од 20 претседатели од вкупно 21 комисија, а во пет комисии имаат и мнозинство. Ги повикавме да се вклучат, за навистина заедно да ги носиме одлуките коишто претстојат пред нас.