Средба на премиерот Заев со холандскиот амбасадор Пломп: Има видлив ентузијазам во државата, новата Влада отвора перспективи за Македонија и граѓаните

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп.

Амбасадорот Пломп достави честитка на премиерот Заев, од холандскиот премиер Марк Руте, за неговото стапување на должност претседател на Владата на Македонија и изрази големо задоволство од изборот на новата Влада и реформската посветеност на Владата.

„Владата работи активно на Итните реформски приоритети што ги отвораат евро-атлантските интеграции на Македонија, но коишто ќе придонесат и кон подигнување на квалитетот на живот на граѓаните и економски развој“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев најави инклузивни политики во државата, со активна вклученост на граѓанското општество и на опозицијата, како и подобрување на добрососедските односи, со што новата Влада покажува поинаков, одговорен начин на решавање на потребите и проблемите на граѓаните, низ почитување на европските демократски вредности.

„Очекуваме тоа да придонесе Република Македонија на есен да добие чиста препорака за почеток на преговори со ЕУ и отворање на вратите за членство во НАТО“, рече премиерот Заев.

Амбасадорот Пломп оцени дека постои видлив ентузијазам во државата од работата на новата Влада во првиот месец од формирањето и изрази уверување дека таквиот начин на работа ги отвора перспективите на Република Македонија и на нејзините граѓани.