Премиерот Заев упати честитка до премиерот Рама: Преку почитување на европските вредности да ги обезбедиме евоинтеграциите за нашите држави и за регионот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, упати честитка до премиерот Еди Рама за победатa на парламентарните избори, на коалицијата што ја предводи.

„Ви ја честитам победата на парламентарните избори, на Вас и на коалицијата што ја предводите, на парламентарните избори во Албанија.

Демократските избори во Република Албанија ја покажуваат определеноста на граѓаните на Албанија кон почитување на европските вредности, коишто се иднината на државата, но и на целиот регион.

Убеден сум дека ќе продолжи Вашата посветеност кон демократските и реформските процеси, според стандардите на ЕУ и НАТО.

Исто така, верувам дека ќе продолжи и пријателската и принципиелна соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, низ меѓусебно почитување, разбирање и поддршка, во интерес на обезбедување квалитетен живот за граѓаните на нашите две држави, како и за развојот на стабилноста на Балканот во целина.

Перспективите на државите од Југоисточна Европа се во Европската унија и во НАТО и со одлучноста што ја покажуваме како одговорни политичари, уверен сум дека ќе ги осигураме посакуваните и потребните европски интеграции за граѓаните на нашите држави и на регионот“, напиша премиерот на Република Македонија, Зоран Заев во честитката до премиерот на Република Албанија, Еди Рама.