Средба на премиерот Заев со шефот на Канцеларијата на НАТО, Бартол: Има голема поддршка од Брисел, правецот во којшто новата Влада ја движи Македонија е кон НАТО и ЕУ

“Поттикнавте позитивна енергија што се чувствува во земјата, а ја чувствува и Брисел, преку демократските политики на новата Влада на инклузивност и градење мостови меѓу граѓаните во земјата, добрососедство во регионот и отворена меѓународна соработка. Правецот во којшто се движи Македонија е добар и отвора перспективи за граѓаните и за евро-атлантските апсирации на земјата“. Ова е силната поддржувачка порака што ја пренесе на премиерот Заев, шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, Бартол. Тој му го честиташе на премиерот Заев преземањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија и изрази отвореност на Канцеларијата на НАТО во Македонија, за помош и поддршка во сите чекори што ги прават Владата и нашата држава, за членство во НАТО Алијансата.

„Свесен сум дека е време за лидерство што ќе обезбеди напредок на државата и од Македонија ќе создаде земја на среќни луѓе. Тоа е моја цврста цел, како и на новата Влада. Затоа Владата е одлучна, да ги остави предрасудите во минатото и да ја обезбеди иднината на државата, којашто е во НАТО и во Европската унија“, рече премиерот Заев. 

Претседателот на Владата, Заев, изрази уверување дека активниот реформски процес што го иницира Владата ќе биде сигнал за Европа и за НАТО дека граѓаните и Република Македонија заслужуваат да бидат дел од овие две најголеми меѓународни демократски организации.

На средбата, премиерот Заев го повтори очекувањето дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја членка на НАТО, за што од страна на претставниците на Канцеларијата на НАТО во Македонија е изразена јасна поддршка. Договорено е интензивирање на соработката со Канцеларијата на НАТО во Македонија и со земјите членки на Алијансата. На состанокот е констатирано дека фокусот на сите 29 земји членки на НАТО е кон Република Македонија и кон потезите на новата демократска Влада којашто покажа значаен пример, како низ мудри и одговорни политики, може да направат демократски промени.