Средба на МНР Димитров со cпецијалниот пратеник на ОН за разговорите за името меѓу Република Македонија и Република Грција, Метју Нимиц

Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров денес оствaри средба со cпецијалниот пратеник на ОН за разговорите за името меѓу Република Македонија и Република Грција, Метју Нимиц.

На средбата беа разменети размислувања за натамошно унапредување на дијалогот меѓу двете држави во светло на нашите европски и евро-атлантски аспирации. Министерот Димитров информираше за разговорите со државниот и политички врв за време на неодамнешната посета на Атина. Ги повтори заложбите на Република Македонија за натамошно продлабочување на билатералните односи, засновани на добрососедство, што е од интерес за стабилноста и економскиот развој на регионот. Истовремено, го истакна значењето на имплементацијата на мерките за градење доверба, како и потребата од нивна натамошна диверзификација, со особен фокус врз интеракцијата меѓу младите.

Во овој контекст, соговорниците ја истакнаа потребата од зајакната комуникација на политичко ниво, но и интензивирање на економската размена и секторската соработка. Министерот Димитров посочи дека новата реформска влада на Р. Македонија во разговорите со нашиот јужен сосед влегува отворено и без предрасуди и скриени агенди.