Политички лидери од регионот и Европа продолжуваат да му го честитаат изборот на новиот премиер Зоран Заев

Писма со честитки за изборот за премиер на Република Македонија, и понатаму пристигнуваат до претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, господинот Антонио Гутереш, во својата честитка до премиерот Зоран Заев, посебно истакнува дека бил охрабрен од визијата на премиерот за својата земја, која тој  ја истакнал  во својот инаугуративен говор, посебно затоа што се заложил за реформи во правосудството и да ги возобнови добрососедските односи. Генералниот секретар на ОН со посебен акцент ги поздрави програмските определби на новата македонска Влада за продлабочување на европските вредности.

Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, упатувајќи ги своите честитки за изборот за премиер на Македонија до господинот Зоран Заев, искажува уверување дека постои заедничка волја за зајакнување на односите на двете земји, на билатерален и меѓународен план.

Од името на Владата на Република Словенија и од негово лично име, честитка за изборот испрати и премиерот на Република Словенија, господинот Миро Церар, кој во своето писмо вели дека е задоволен што односите на двете земји се пријателски и дека продолжуваат да се развиваат во истиот дух на сите нивоа.

Писмо со честитки до премиерот Зоран Заев упати и премиерот на Република Црна Гора, кој изразувајќи ги своите искрени честитки искажува и уверување дека премиерот Заев и новата Влада ќе ги насочат своите напори кон развој и просперитет во евро-атлантските вредности и цели.

Честитки и писма на добри намери за изборот на новиот премиер на Македонија пристигнаа и од  д-р Денис Звиздиќ, амбасадор во Амбасадата на Босна и Херцеговина, како и претседателството на Општина Бјело Поље, Република Црна Гора.