Премиерот Заев денеска е во Сараево, доделува награда и има средби на високо политичко ниво

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска е во еднодневна работна посета на Босна и Херцеговина. 

Во рамки на посетата, премиерот Заев ќе оствари билатерална средба со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, којашто ќе се одржи во објектот на Советот на министри во Сараево.

По средбата, двајцата премиери ќе присуствуваат на Церемонијата „Најменаџер и најкомпанија за 2017“, каде што премиерот на Република Македонија Заев, ќе има обраќање.

Премиерот Заев е почесен гостин на оваа значајна манифестација за бизнисот во Југоисточна и Средна Европа, како минатогодишен добитник на наградата за најдобар градоначалник во Југоисточна Европа и оваа година ќе има чест да додели една од наградите.

„Соработката и напредокот на регионот носат квалитетен живот за граѓаните на нашите држави, да продолжиме да ги продлабочуваме економските и политичките односи", ќе биде една од пораките на премиерот Заев на Церемонијата.

Во рамките на посетата на Сараево, премиерот Заев ќе има вечера со претседавачот со Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ како и со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој е исто така во работна посета на Сараево.