Премиерот Заев на средба со претседавачот на Советот на министри на БИХ, Звиздиќ: Да ги развиваме нашите држави, но и регионот, така ќе успееме кон ЕУ и НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, попладнево се сретна со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.

Заеднички е констатирано дека двете држави се пример во регионални и европски рамки како може да се живее со богатството на различности и да се напредува, доколку за тоа постои политичка волја за развој на овој граѓански интерес.

Потенцирано е дека стратешки цели и на двете држави се Европската унија и НАТО и дека за таа цел е потребна меѓусебна поддршка на земјите од регионот, кои треба да се насочени кон својот развој, но и кон евро-атлантски развој на регионот.

Во тој правец нагласени се како важни почитувањето на европските вредности и добрососедските односи.

„Ја стабилизиравме Република Македонија и ја поставивме кон Европската унија и кон НАТО. Со реформскиот План 3 – 6 – 9 отвораме перспектива за решавање на клучните државни прашања, со што очекуваме да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, но и во брзо време да ги отвориме европерспективите. Нашите очекувања се на есен укинување на условеноста на препораката, а до следниот извештај на ЕК за Македонија и датум за почеток на преговори со ЕУ“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев додаде дека новата Влада е насочена да отвора перспективи и во таа насока поставува мостови кон добрососедски односи.

„Историјата е можност за заедничка европска иднина“, рече премиерот Заев.

На средбата се поздравени интегративнте политики на премиерот Заев и на новата Влада. Пратеникот Ферид Мухиќ, кој го придружува премиерот Заев при оваа посета нагласи дека Владата е подеднакво поставена кон сите етнички заедници, вклучувајки ја и Бошњачката заедница, и затоа граѓаните имаат мотив да дејствуваат заедно кон заедничките проблеми и решенија што ги поврзуваат.

Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Звиздиќ нагласи дека БИХ има сериозен напредок во енергетиката, инфраструктурата, земјоделството, туризмот и дека за ова постои интерес за соработка со Македонија. Заеднички е констатирано дека се создадени услови за продлабочување на економската соработка, за што е договорено организирање бизнис форуми во двете земји.

Премиерот Заев и претседавачот од БИХ, Звиздиќ, во моментов присуствуваат на значајната манифестација за бизнисот во Југоисточна и Средна Европа, „Најменаџер и најкомпанија за 2017“, каде што премиерот Заев е почесен гостин и ќе има обраќање.