Министерот без ресор задолжен за односи со дијаспората, Едмонд Адеми се сретна со амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли

Министерот без ресор задолжен за  односи со дијаспората, Едмонд Адеми, денеска во Владата на Република Македонија, оствари средба со амбасадорот на САД во Македонија, господинот Џес  Бејли.

На средбата Адеми истакна дека грижата за дијаспората на министерско ниво има повеќе предности. Како посебно значајни тој ги истакна  потребата од измени во законската регулатива за гласање на дијаспората и интензивирањето на соработката со потенцијалните инвеститори од редовите на дијаспората, кои, како што нагласи министерот, се чувствуваат обесправени пред другите странски инвеститори.

Немаме закон за дијаспората. Нешто што како законска регулатива постои кај сите наши соседи, и ги дефинира легалните аспектите на соработка  на дијаспората  со татковината  – истакна министерот Адеми.

Амбасадорот на САД во Македонија, господинот Џес Бејли како особено значајна ја поздрави идејата за стратегија за враќање на иселената младина во Македонија, која што министерот ја изложи пред неговата екселенција при денешната посета.

Како посебен предизвик, министерот Едмонд  Адеми ја истакна  етничката поделеност на дијаспората. Една од целите на неговите активности е двете најголеми етнички заедници од Македонија, кои работат и живеат во странство, да седнат на заедничка маса и да пристапат кон соработка со Владата.

Пред нас имаме празен лист хартија. На нас е да го испишеме со добри нешта – подвлече Адеми.

 Адеми како успешен прв чекор го нагласи очекувањето на позитивен одговор од Министерството за транспорт на Германија, во напорите напревени за граѓаните на Македонија да можат да се користат со македонските возачки дозволи во Германија.

Дијаспората е важен и значаен ресурс не само во Македонија, но и глобално – рече амбасадорот Бејли, кој истакна дека ќе помогне во воспоставување на комуникација со иселените во САД во иднина да инвестираат во Македонија.