Премиерот Заев разговараше со американскиот потпретседател Пенс: Поддршка од САД за реформската Влада и поздрав за граѓаните на Македонија од претседателот Трамп

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа имаше телефонски разговор со потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Американскиот потпретседател ги поздрави процесите што ги започна новата Влада за демократија, слобода и правда во Република Македонија. Потпретседателот Пенс ги оцени чекорите на новата Влада на полето на добрососедските односи како меѓународни успеси. Потпретседателот Пенс изрази поддршка на Планот 3 – 6 – 9 што го усвои Владата за реализација на итните реформски приоритети. Исто така американскиот потпретседател пренесе поздрави до премиерот Заев, новата Влада и граѓаните на Македонија од претседателот на САД, Доналд Трамп и од американската администрација.

Премиерот Заев изрази благодарност за големата пријателска поддршка што ја има Република Македонија од Соединетите Американски Држави во сите важни процеси за државата, како и во остварувањето на стратешките цели, интеграција во НАТО и во ЕУ.

„Цврсто сме определени кон демократските вредности. На тој пат, силно сме инспирирани од САД, како вистински пример за држава којашто се темели на базичните демократски придобивки, слобода, демократија и правда“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев констатираше дека членството на Црна Гора во НАТО е охрабрување за целиот регион и дека Република Македонија со силната посветеност кон реализацијата на потребните реформи, се надева дека ќе биде следната земја членка на Алијансата.

Разговорот помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и потпретседателот на САД, Мајк Пенс, се одвиваше во искрена и пријателска атмосфера. И американскиот потпретседател Пенс и премиерот Заев изразија позитивни очекувања од престојната средба што треба да се случи на почетoкот на август во Подгорица.