Премиерот Заев и висока владина делегација на Самитот за Западен Балкан во Трст за нова динамика на евроинтеграциите

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе ја предводи високата владина делегација на четвртиот Самит „ЕУ – Западен Балкан“ во рамки на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи на 12 јули во Трст.

Самитот, под покровителство на Италија како претседавач на Европската Унија, е организиран на највисоко ниво. На него ќе учествуваат премиерите на шесте земји од Западен Балкан, заменици премиери, министри за надворешни работи, за економија и за транспорт, високи државници на земјата домаќин, претседатели и премиери на одделни европски земји, како и претставници на ЕУ и на Европската Комисија, високaта претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, како и еврокомесарката за транспорт Виолета Болц.

Премиерот Зоран Заев во рамките на самитот, покрај средбите со највисоките европски државници и претставници на ЕУ и на ЕК, ќе оствари и билатерални средби со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Србија, Ана Брнабиќ, и на Словенија, Миро Церар.

Претседателот на Владата на Република Македонија ќе оствари средба и со Борис Џонсон, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство, кој на овој самит ќе допатува како претставник на премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.

Собирот на највисоките државни функционери на Западен Балкан во Трст е финале на интензивните активности ЕУ во првата половина на оваа година, и резултат на посетите на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, и на еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Самитот има за цел да го поттикне придвижувањето на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан и да донесе конкретени чекори во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување. За таа цел е обезбеден фонд од 1,3 милијарди евра за Западен Балкан, средства кои треба да се искористат до крајот на 2020 година за проекти во областа на транспортот, инфраструктурата, енергетиката, животната средина и на иновациите, кои треба да бидат реализирани во рамките на Транспортната заедница на западниот Балкан која со свечена церемонија ќе биде основана со потписите на премиерите на замјите од регионот.

Во рамките на четвртиот „Самит за Западен Балкан“ ќе бидат одржани и повеќе значајни придружни програми, како Бизнис форум за мали и средни претпријатија, Форум за млади, Работилница за борба против корупцијата и тематската дебата Дијалог со граѓанското општество.