Од средбата на премиерот Заев со амбасадорот на Република Косово Иљбер Хиса: Добрососедските односи се услов за успех на меѓународен план

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска имаше средба со амбасадорот на Република Косово, Иљбер Хиса.

На средбата се разговараше за досегашната соработка помеѓу двете држави, како и за можноста за продлабочување и продолжување на успешните билатерални односи.

Премиерот Заев, порача дека очекува скоро формирање на новата влада на Косово за да продолжи успешната приказна во соработката меѓу двете влади.

- Исклучително важно е да се подобри соработката со соседите, бидејки соседите треба да се поддржуваат, затоа што на меѓународен план победуваат оние кои се поддржуваат – истакна премиерот Заев на средбата.

Еден од позначајните проекти кои дополнително ќе ја засили соработката помеѓу Македонија и Косово е изградбата на автопатот Скопје – Блаце, како и новиот граничен премин помеѓу Македонија и Косово, Белановце - Станчиќ, кој се очекува да биде отворен кон крајот на летото или почетокот на есента.