Премиерот Заев на Самитот на шефови на држави во Трст: Македонија ќе придонесе кон регионален и европски развој

Почитуван домаќин на оваа Конференција за Западен Балкан, претседател на Советот на министри на Република Италија, г-дин Паоло Џентилони, почитуван еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, почитувана потпретседателке на ЕК и висока претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот,

За почит се амбициите и задачите што ги презеде Италија, со цел поврзување на регионот и отворање соработка помеѓу земјите во клучни области, што отвораат можности за економски развој, справување со заедничките безбедносни предизвици и европски перспективи. И чест и потреба е да се биде дел од овој Самит што е шанса за унапредување на регионалната соработка, со значајната поддршката на земјите членки на ЕУ на Западен Балкан. И кон ЕУ и кон Република Италија, за ова, изразувам голема благодарност во име на граѓаните на Република Македонија, во име на Владата на Македонија и во мое име како премиер.

Да, има голема потреба од формирање рамка за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан, кон што е силно определена новата Влада на Република Македонија.

Постои и голема потреба не само од реформи, туку и од фокусиран забрзан реформски напредок.

Ова ја трасира евроинтеграцијата на регионот. Ова усогласување со стандардите на ЕУ значи и достигнување квалитет на живот во нашите држави, што ќе ги направи спокојни, сигурни, среќни и безбедни нашите граѓани.

Знам дека граѓаните на Македонија се изморени од долгогодишната стагнација. Но, сакам да го споделам и оптимизмот во нашата држава, што го заменува тој замор. Тој оптимизам е резултат на видиците што ги отворија демократските промени во Македонија, но и подадената рака од Брисел и меѓународната заедница, кои што тоа го препознаа и ги отворија вратите за Република Македонија.

Тоа се врати на перспективи за граѓаните на Македонија, на верба и на надеж дека ова е моментот што не смее да се испушти. Ова е шансата за напредок. И ние тоа го имаме предвид.

Затоа ќе бидам конкретен по посочените точки важни за овој Самит:

1. Сакам да ве уверам дека: Постои политичка волја кај Владата на Република Македонија да ја поддржи и прифати Aгендата за поврзаност на регионот, која што значи шанси за напредок на Македонија и на Западен Балкан. Поврзувањето не е само политичко прашање. Добрососедските односи не се само прашање на политичка култура. Тие се неопходност. Тие се мостови кон Европа и светот. Тие значат и конкретни придобивки во квалитетот на живот на нашите граѓани.  Кон тоа придонесува добрата инфраструктурна поврзаност, којашто носи можности за економски развој на државите. Затоа го поздравувам денешното потпишување на Договорот за транспортна заедница, што ќе го олесни поврзувањето меѓу државите од регионот според законодавство на ЕУ.

Железничното поврзување на Република Македонија со Република Бугарија е пример колку ние сериозно гледаме на оваа Агенда за поврзување во регионот.

Одлуката веќе ја донесе нашиот меѓународен партнер ЕБОР, за изградбата на железничката пруга Куманово - Деве Баир, како дел од Коридорот 8, на барање на Македонија.

Исто така, Владата на Македонија е посветена кон реформи и во енергетскиот сектор, со цел да го исполниме својот дел од обврските од Договорот за основање енергетска заедница за Југоисточна Европа. Свесни сме дека тоа ќе отвори можности за финансиски олеснувања за граѓаните и за компаниите.

2. Владата на Република Македонија е свесна дека основата на секоја демократска држава, во што сме определни да продолжиме да ја градиме Македонија, е владеењето на правото и доброто управување.

Тоа е европска и цивилизациска вредност, важна за остварувањето на стратешката цел на Република Македонија - членство во Европската унија. Длабоката и долгогодишна политичка криза, предизвикана токму од непочитувањето на овие базични обврски, ни покажа дека тоа е и потреба за граѓаните кои имаат уставно право на правда и почитување на нивните слободи и права. Секој да е еднаков пред законот. Секој да се чувствува заштитен. Затоа реформите во правосудството се меѓу итните реформски приоритети во Планот 3-6-9 што го усвои Владата. Си зацртавме амбициозни краткорочни, среднорочни и долгорочни цели, за следните 3, 6 и 9 месеци. На есен да добиеме чиста препорака од Европската комисија за преговори со ЕУ, а потоа да отвориме пат за дискусии меѓу земјите членки и за датум за почеток на пристапните преговори. Ве уверувам, Македонија може да биде и ќе биде кредибилен партнер на ЕУ во регионот, а тоа ќе испрати и нова мотивирачка порака за целиот Западен Балкан, затоа следете нè и поддржувајте нè. Потребна ни е вашата помош и поддршка.

3. Интеграциите за кои зборуваме отвораат пат за регионална економска област што ќе донесе олеснувања и во трговските односи, инвестициите, мобилност, дигитална интеграција. Потребен ни е одржлив економски развој и економска стабилност за граѓаните. Само задоволни граѓани се гаранција за мир, стабилност и безбедност. 

4. Безбедносните прашања се посебен предизвик на денешнината. Во врска со ова, порачувам дека Република Македонија останува цврст партнер во справувањето со предизвиците во борбата против тероризмот. Илегалната миграцијата, радикализацијата, бараат заеднички ангажман во справувањето. Македонија покажа одговорност во мигрантската криза и ќе продолжиме активно да соработуваме со ЕУ, за да имаме резултати.

Република Македонија, почитувани пријатели од регионот и од Европската унија, се гледа себе си како дел од големото семејство на народи и држави. Граѓаните на Македонија го препознаа и го избраа вистинскиот пат, патот на демократските промени и во име  на граѓаните на Македонија сакам да порачам, ќе соработуваме и ќе придонесуваме кон регионалниот и европски развој.

Категорија: