Владата ќе се залага за функционален Совет за соработка со граѓанскиот сектор

 

Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски, денеска оствари средба со две мрежи на граѓански организации, претставници на ИПА2 механизмот и на неформалната група од 89 организации, кои минатата година јавно реагираа и имаа забелешки на одделни решенија од одлуката за формирање на Совет за соработка на Владата со граѓанскиот сектор, што го формираше претходната влада.

На овој работен состанок беше потврдена заедничката заложба за функционален Совет за соработка на Владата со граѓанскиот сектор, при што Владата ја презеде обврската сериозно да ги разгледа сите изнесени ставови и забелешки што ги изразија здруженијата на граѓани.

За таа цел, преку инклузивните политики што Владата на Република Македонија ги спроведува, тој функционален Совет за соработка на Владата со граѓанскиот сектор ќе претставува еден од најважните механизми што ќе ги вклучи граѓанските организации како коректив и партнер на Владата во креирањето и спроведувањето на политики во интерес на граѓаните.