Заменик претседател на Владата на Република Македонија Анѓушев: Македонија е најголемиот добитник на Самитот во Трст

Предмет на денешната прес конференција е Самитот во Трст кој е континуитет на Берлинскиот процес, првично инициран од страна на германската влада и канцеларката Ангела Меркел, како процес којшто треба да им овозможи и олесни на земјите од Западен Балкан полесно да пристапат кон Европската Унија и да ги водат процесите за пристапување на еден транспарентен и соодветен начин.

Она што можам да го кажам дека владината делегација предводена од премиерот, е исклучително задоволна од постигнатото на вчерашниот Самит и дека Македонија е најголемиот добитник од вчерашниот Самит. Тоа само го покажува фактот дека се препознаени реформските процеси на владата, дека е препознаен новиот дух на владата, која има за цел практично да ги имплементира сите процедури и сите потребни чекори за побрзо и полесно пристапување кон Европската унија, а со самото тоа и пристап до фондовите на Европската Унија, што е особено значајно за живеењето на граѓаните на Република Македонија.

Главната поента, иако слушавме различни бројки минатите денови, е дека од вкупниот грант кој што е доделен за шест земји од Западен Балкан, изнесува 194 милиони евра, Македонија доби 70 милиони евра. Што значи дека, од вкупните пари, 40 отсто се грант за Република Македонија, иако таа е само една од 6-те земји, иако по број на жители е една од помалите земји. Што значи дека, ако одиме по жител, Македонија е навстина победник во оваа фаза од поддршката на Берлинскиот процес и од Самитот во Трст на земјите од Западен Балкан.

Кога зборуваме за 70 милиони евра, мораме јасно и прецизно да кажеме дека тоа е грант, односно, неповратни пари, или директна помош на Европската Унија за граѓаните на Република Македонија.

Ние како Влада длабоко го почитуваме и го цениме тоа. Мораме да кажеме и дека ја чувствуваме како голема обврска оваа помош за да бидеме навистина реформски ориентирани. Не само поради потребите за пристапување кон Европската Унија, туку реформски ориентирани и за да го подобриме животот на секој граѓанин на нашата земја.

Сумата со која ќе бидат поддржани вкупниот број проекти што се номинирани на овој Самит, е над милијарда евра, како што кажа и комесарот Хан. Ние зборуваме само за 194 милиони евра издвоени како неповратен грант, од кои 70 милиони евра завршуваат во Македонија. Значи мораме да ги разделиме бројките, да биде пластично и јасно за сите граѓани во Македонија.

Значи проектите кои ние ги номиниравме, тие ќе бидат поддржани со многу поголеми по износи, но 70 милиони евра, се само грант, односно неповратни средства.

Овој грант е добиен за делот на пругата кон Бугарија, што е од исклучителна важност. Како Влада, а со тоа се согласува и Европската Унија, сметаме дека нашето поврзување со Коридорот 8, односно, врската помеѓу Македонија, Бугарија и Албанија е од огромно значење. Вие знаете дека по должината на коридорот 10 имаме доста развиена мрежа, но делницата исток-запад не е така развиена. Денес, ако сакате да тргнете и да стигнете до Софија или до Тирана, иако се тоа само делници од 200 – 250 километри, ви требаат повеќе од 4 часа, што е недозволиво.

Тоа мораме да го промениме. Прво за да го ослободиме движењето на граѓаните, да ослободиме движење на производи и друга стока за да може целото стопанство поефикасно да функционира и работи, и притоа да биде поврзано на две мориња. Како што знаете, тоа е еден исклучително значаен и стратешки коридор.

Практично преку поддршката на овој проект, Европската Унија, и ние како влада со тоа се согласуваме, сака да прати порака дека ние како земји на Балканот мора да бидеме подобро поврзани меѓу себе, повеќе да соработуваме, и тоа со сите наши соседи, преку развивањето на инфраструктурата која што треба да овозможи полесно да комуницираме, како луѓе и како стопанство.

Пругата од Бељаковце до Крива Паланка е поделена на три делници, а ние зборуваме сега за втората делница. Втората делница е во инвестиција од 152 милиони евра, а ние за тој проект добивме грант од 70 милиони евра, или 46% од вкупната градежна вредност на таа делница.

Многу е битно да кажеме дека сите овие средства последните неколку години беа замрзнати за Македонија. Македонија повеќе пати аплицираше предходните години за европски средства, но тие не беа доделени. Ценам дека и ова е резултат на препознавањето на новиот дух на Владата кој што е реформски ориентиран,  и овој чекор покажува дека тие сите средби со лидерите на ЕУ во овој месец и половина, не биле случајни.

Напротив, тие средби беа со цел да докажеме пред меѓународната заедница дека Макеоднија е просперитетна држава и коректен партнер за сите на Балканот и во Европа. Мислам дека тоа успеавме да го покажеме, во интерес на граѓаните на Република Македонија и на целокупното македонско општество.

Бенефитот од овие средства, и придобивките од сите инфраструктурни проекти, е од полза за народот на Република Македонија, и за сите нејзини граѓани.

Како што ветивме, оваа Влада нема да се занимава со трошење на буџетски и меѓународни пари на непродуктивни проекти и дека ќе се насочат исклучиво на инфраструктурни проекти, на капитални  инвестиции за да бидат двигател на економијата на Република Македонија, без мешање во оперативното работење на фирмите.

Во рамките на Самитот во Трст, беа остварени и други средби. Беше остварена средба со Светска банка. Тоа беше една многу плодотворна средба. Главните поенти од таа средба се дека Светска банка беше поприлично незадоволна од ситуацијата од последните две-три години. Во Македонија не е потпишан ниту еден договор со оваа институција, а договорите кои биле претходно потпишани, заглавиле во својата имплментација. Ние сега треба тие договори да ги одглавиме и да продолжиме да ги имплементираме.

Повторно станува збор за инфраструктура, повторно станува збор за коридорот 8, овојпат за автопатната мрежа.

Исто така, со Светска банка разговаравме за поддршка на буџетот која што ќе заврши кај македонските фирми. Со оваа мерка ќе обезбедиме средства за да ја реализираме нашата следна мерка во економската програма, а тоа е поддршка на македонската екомонија која што ќе биде извозно ориентирана и којашто ќе воведе нови технологии.

Тие беа расположени да дадат таква поддршка и најавија дека за две недели ќе дојдат во Македонија само за таа намена, за да работиме заеднички со нив и со нивната групација AFC, за да дојдеме до такви мерки и да дојдеме до такви сретства кои што ќе бидат директна поддршка за македонската економија.

Веќе бевме информирани дека во рамките на Самитот, премиерот се сретна со канцеларката на Германија, госпоѓата Ангела Меркел, британскиот министер за надворешни работи, господинот Борис Џонсон, премиерката на Србија госпоѓата Ана Брнабиќ, премиерот на Албанија, господинот Еди Рама, премиерот на Словенија, господинот Миро Церар.

Јас имав средба со претседателот на Европската енергетска заедница, со господинот Јанес Копач. Со него разговаравме за она што беше дилема во јавноста околу евтината тарифа за електрична енергија, и постигнавме договор со нив како ќе ја воведеме, истовремени исполнувајки ги сите стандарди кои што се барани од Европската унија.

Мислам дека оваа порака треба многу јасно да ја пратиме бидејќи имаше доста шпекулации во јавоста последните денови. Исто така, имав средба и со државниот секретар во министерството за економија и финансии на Франција, господинот Бенжамен Гриво.

Господинот Гриво дојде со претседателот Макрон специјално само за таа средба. Целта на таа средба беше да направиме поголема економска соработка со Франција. Франција е голема држава, голем пријател на Македонија, а ние имаме исклучително мала економска размена со оваа држава. Ќе се обидеме во рамките на нашите можности, таа економска соработка да ја зголемиме и прошириме. За таа цел се подготвува посета на највисока владина делегација на MEDEF во наредните неколку месеци. Тоа е најголемата асоцијација на работодавачи на Франција и таму се најголемите француски компании.

Ние, како Република Македонија сме мал пазар за француската економија, меѓутоа Франција е  голем пазар за нас. Мислиме дека имаме што да понудиме во сите сегменти на економијата.

Би ви пренел само неколку клучни пораки што беа вчера кажани од европските лидери.

Госпоѓата Меркел ја испрати пораката дека Европската Унија ќе помогне во дигитализацијата и развојот. Иднината е во перспективата на младите. Следниот чекор на Берлинскиот процес и на следниот Самит, кој ќе биде одржан во Лондон, ќе биде во насока на зголемување на конективноста, односно IT технологиите, и соработка во делот на дигитализацијата во регионот и програми за младите.

Во целиот регион младите имаат желба да си одат од нашите држави. Тоа не е добро и во рамките на овој процес ќе се обидеме да најдеме механизми и модели младите да сакаат да останат во нашата држава, и нашата држава да биде атрактивна за нив за живеење. Да го препознаат како свое место за идно живеење. Да го препознаат искрено, да го препознаат со лична желба.

Господинот Хан кажа дека Брисел ги сака државите од Западен Балкан во Европска Унија, сака да ги види како членки на Европска Унија. Значи тоа што беше тврд став на Европската Унија во однос на проширувањето, сега е прилично, променет, односно благонаклонет кон регионот, и дека практично ги прават сите мерки и подготовки да можеме да се приклучиме кон Европската Унија. Брисел сака државите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија, а една од главните причини е младите луѓе да се задржат во своите држави и да не ја напуштаат.

Госпоѓата Могерини порача дека Европската Унија и Западен Балкан се потребни едни на други. Исправени се пред заеднички предизвик, да ги реобноват, да ги реобединат континентите.

Макрон порача дека соработката меѓу младите и вмрежувањето е клучен приоритет. Сакам да додадам дека госпоѓата Меркел посебно ја потенцираше темата за корупцијата во регионот, и посебно порача дека мора да се работи на тоа поле, а ние се обврзавме дека, како влада, ќе имаме нула толеранција за корупцијата, и дека ќе ги спроведеме сите наши проекти со кои секој европски граѓанин, кој одделува пари од својот џеб и ги дава во Македонија, на најтранспарентен начин ќе знае каде завршиле неговите пари во нашата држава.

Нормално на истиот начин ќе се однесуваме и кон парите на македонските граѓани.

Ви благодарам.

Одговори на новинарски прашања на Заменик претседател на Влада за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на прес конференцијата после Самитот за Западен Балкан во Трст

 

П1: Може ли мало појаснување, рековте дека околу ефтината тарифа сте разговарале со Претседателот на Европската енергетска заедница, господинот Копач, па ако може мало појаснување затоа што голем број граѓани ги интересира тоа.

Анѓушев: Евтината тарифа на струјата е мерка што беше во предизборната програма на владеачката партија и воедно дел од програмата на оваа влада. Беше кажано дека ќе се воведе евтина тарифа во текот на дневните часови. Вие знаете дека евтината тарифа денеска е само во недела и во текот на ноќните часови. Таа ќе биде воведена и во текот на дневните часови во период од 2 часа, како и во сабота за која ќе важи истото како за секој друг работен ден. Односно евтината тарифа ќе се врати на истиот начин како што граѓаните на Република Македонија ја знаеа во претходните години наназад со децении.

 

П2: На последната владина седница беше донесена одлука за поништување на тендерот за гасификација на Македонија. Може ли да ни кажете детали околу тоа, кој дел ќе се менува конкретно?

Анѓушев: На таа владина седница, видовме и констатиравме дека долго време најавуваниот проект за регионална гасификација на Македонија, за кој се информираше дека ќе се појават многу компании како заинтересирани, беше констатирано дека добивме само една понуда. 

Владата донесе одлука да се формира комисија која што ќе ја отвори таа понуда, ќе видиме кој е понудувач. Но, се надевам дека сите вие ќе се согласите дека понуда од само една компанија сигурно не е доволна за да добиеме квалитетен понудувач и конкурентност, со кој ќе се постигне квалитетна цена за македонските граѓани. 

Од таа причина моја препорака, и препорака на економскиот тим на владата е, тој тендер да се преработи и преобјави, за да овозможиме поголема конкурентност и да можеме да обезбедиме подобри понуди и поголем бенефит за граѓаните на Република Македонија. 

Избор на тендер со само една понуда за мене е секогаш извор за можна корупција. Јас тоа нема да го поддржам никогаш, и ќе сакам поголема конкурентност на сите тендери.

 

П3: Рековте дека вториот дел од делницата (од пругата кон Бугарија) ќе не чини 132 милиони евра, а сте добиле 70 милиони евра грант. Кога точно ќе ги добиете парите и како ќе го покриете вториот дел од сумата?

Анѓушев: Целокупната должина на пругата е над 80 километри. Таа е поделена е на три делници. Градежните работи за втората делница, за која добивме грант, е проценета на 152.3 милиони евра. Останатите средства ќе бидат обезбедени од финансирање од меѓународните институции, како кредити за инфраструктура, на пример од ЕБРД или другите финансиски институции во светот.

Практично, ние, добивајќи поддршка за оваа делница, од економска гледна точка, ја правиме пофизибилна. Овој пат Европската Унија ни помага со грант. Значи со пари кои што ги платиле европските граѓани, и што не треба да ги враќаат македонските граѓаните.

Тоа го прави целиот проект поисплатлив, и како таков, тој е веќе пофизибилен за да биде дополнително поддржан со квалитетни кредити и нормално со издвојување на средства од нашиот буџет во делот на капиталните инвестиции. Конечно тоа што го раскажуваме како приказна 20 години, сега станува реалност - железничка пруга кон Бугарија. 

 

П4: Што ќе биде со третиот дел од пругата од  Крива Паланка до граница? Кога ќе се почне да се гради?

Анѓушев: Градењето на пругата не е работа што се прави преку ноќ. Ние треба да почнеме да градиме, за некој ден да изградиме. Штом сме презеле обврска да ги искористиме овие средства за втората делница, нормално не ни паѓа ни на крај памет дека третата делница ќе остане неизградена. Нормално и таа мора да се изгради во континутет после градењето на втората.

 

П5: Што значи конкретно потпишувањето на договорот за транспортно поврзување?

Сугарески: Вчера од страна на премиерите на петте државни, за жал петте, не шестте држави поканети на Самитот, беше парафиран договорот за транспортна заедница. Тоа е поврзување на сите држави од Западен Балкан со Европската Унија. Поврзување низ сите коридори коишто се низ Западен Балкан. За жал, Босна и Херцеговина, поради одредени проблеми коишто веројатно ги имаат, не го стави својот потпис на договорот. 

Во натамошниот период тој треба да биде имплементиран во фази. Нашето залагање на средбите со комесарката Булц, беше целосно елаборирано околу транспортот и безбедноста во сообраќајот. За сите детали наредните денови планирам прес конференција и подетално ќе ги објаснам придобивките од овој договор. Секако, и за резултатите од билатералните средби и состаноци коишто ги имавме со комесарот и министрите од Западен Балкан.