Демант во врска со написот: „Србија во Трст добила 2 милијарди евра: Кочо Анѓушев се фалеше дека Македонија добила најмногу од сите, 70 милиони евра“

Во врска со написот: „Србија во Трст добила 2 милијарди евра: Кочо Анѓушев се фалеше дека Македонија добила најмногу од сите, 70 милиони евра“,објавен на неколку електронски медиуми, Владата се чувствува повикана да реагира и да ги појасни информациите во врска со Самитот за Западен Балкан во Трст.

Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Н.Е.г. Јоханес Хан, најави дека за Западен Балкан во следните неколку години, Европската Унија ќе издвои околу една милијарда евра за поддршка на регионот. 

На Самитот за Западен Балкан во Трст, одржан на 12 јули, во рамките на таканаречениот Берлински процес, Европската Комисија објави листа на осум приоритени проекти со кофинансирање значајни за поврзување на земјите од регионот на Западен Балкан, преку инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан“ (Western Balkans Investment Framework).

Од вкупно доделените неповратни средства, на Република Македонија и се доделени 70 милиони евра, или 40% од вкупните грантови наменети за земјите од Западен Балкан. Тоа се средства од граѓаните на Европа наменети за развој на Република Македонија, коишто нашите граѓани нема да имаат обврска да ги враќаат. Напоменуваме дека станува збор за грант, односно неповратни финански средства, а не заем од страна на финансиска институција.

Овие средства ќе се искористат за изградба на втората фаза на железничкиот коридор осум, односно делницата Бељаковце-Крива Паланка, а вкупната вредност на целиот проект е проценета на 152.3 милиони евра, што значи дека Република Македонија останатите средства ќе ги обезбеди преку заеми или од буџетот на Владата.

Она што е важно да се напомене е дека оваа година, по пауза од две години, Европската Комисија, ги одмрзна средствата за поддршка на Република Македонија, покажа високо ниво на кооперативност со што ги препозна приоритетите за реформи на Владата, како и посветеноста за економски развој и воспоставување на подобри конекции со сите земји од регионот на Западен Балкан.

Наша обврска како Влада е да продолжиме да ги спроведуваме приритетните реформски процеси и со напорен труд и одржливи проекти да привлечеме што е можно поголем обем на неповратни европски средства и финансиски средства од други извори, со кои ќе се подигнува економијата, ќе се подобрува економската состојба и ќе се подигне животниот стандард на граѓаните на Република Македонија.