Зоран Шапуриќ, Министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија

Зоран Шапуриќ е Министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Дипломирал на Правниот факултет, магистрирал и докторирал на УКИМ, стекнувајќи звање доктор по политичко–правни науки. Има положено правосуден и нотарски испит, доцент е, вонреден и редовен професор на Универзитет Американ колеџ во Скопје.

Објавил 40 научно истражувачки меѓународни трудови, индексирани во респектабилни меѓународни научни бази, од областа на животна средина и одржлив развој, Европската унија и локалната самоуправа, од кои седум во ”Web of science”, 12 во “Thomson Reuters” и во други меѓународни научни бази.

Во досегашната кариера Шапуриќ бил министер за животна средина и просторно планирање, пратеник во Собранието на Република Македонија, претседател на собраниска комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и член на други собраниски комисии, член на собраниска делегација во Собранието на Западно европска унија и НАТО.

Работел и во Уставниот суд на Македонија како виш стручен соработник, бил помошник генерален директор во МЗТ комерц и заменик на генералниот директор во ЈП „Паркови и зеленило Скопје“.

Одлично го познава англискиот јазик, а зборува и јазици од регионот. Пасивно владее и германски.

Зоран Шапуриќ е роден во 1958 година.