90% од домашните претпријатија повторно би аплицирале на проектот „Странски експерти за домашни компании“, поддржан од швајцарската и други амбасади

Денеска во Владата на Република Македонија беше промовиран на третиот јавен повик за проектот „Странски експерти за домашни компании“, на кој присуствуваа Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, проф. д-р Кочо Анѓушев, амбасадорката на Република Швајцарија во Република Македонија, Сибил Сутер Тејада, министрите задолжени за привлекување на странски инвестиции и подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, Зорица Апостолоска, Рамиз Мерко, Аднан Ќахил, претставници на Стопанска Комора на Македонија, Сојузот на Стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија, како и претставници на домашните претпријатија кои ги споделија своите искуства од досегашното спроведување на овој проект.

Свое поздравно обраќање пред присутните имаше заменик претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Кочо Анѓушев кој ја потврди силната заложба и поддршка на новата влада за раст и развој на домашните компании и како што рече тој, ова е една од мерките што ќе придонесе кон јакнење и зголемување на капацитетите на домашните фирми.

„На почетокот сакам да изразам благодарност до Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија и до сите останати амбасади коишто дадоа придонес во овој проект. Суштината на овој проект е да се пренесе know-how од странски експерти во македонските компании со цел да се примени нивото на новите технологии во нашите компании, нивото на соработка со странски компании што имаат поголемо искуство во примената на новите технолошки достигнувања и менаџирање. Овој проект треба да им помогне на домашните компании да го зголемат својот капацитет и своите знаења за да можат да бидат поконкурентни на светскиот пазар“, рече Заменикот претседател на владата задолжен за економски прашања, Анѓушев.

Амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада, рече дека Швајцарија останува цврсто посветена во помошта што ја дава за економски развој на Македонија и за таа цел Швајцарија учествува со поддршка во 14 економски проекти во земјава. Со оваа помош, во рамките на швајцарскиот проект „Зголемување на пазарната вработеност“, поддржани се 12 мисии на швајцарски експерти во Македонија.

 

По обраќањето на амбасадорката, следуваше кратка презентација на досегашните остварени резултати од спроведувањето на овој проект. Досегашните постигнувања говорат дека дури 78% од компаниите се задоволни од користењето на странска експертиза, а 90% повторно би аплицирале за ваква помош.

Беше потенцирано дека рокот за пријавување на овој трет повик е до 29.07.2017 година.

Претставниците на стопанските комори ги поздравија и ги истакнаа позитивните резултати и придобивките што домашните претпријатија ги имаат од ваквиот тип на експертска поддршка.

Како позитивни резултати коишто ги оствариле, претставниците на домашните претпријатија ги истакнаа подобрување на производствениот процес и организацијата на работата, како и преносот на взаемни знаења и искуства.

Министрите Шапуриќ, Апостолска, Мерко и Ќахил уште еднаш ја потврдија одлучноста на новата влада за градење на добра бизнис клима која ќе овозможи еднакви услови, економски раст и развој на домашните и странските компании.

„Ова е една од мерките на владата за градење на подобар капацитет на нашите компании и во оваа прилика им благодарам на домашните компании за споделеното позитивно искуство. Овој настан е еден апел од страна на владата, нашите компании ваквите можности да ги искористат“, истакна во завршницата на своето обраќање Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, проф. д-р Кочо Анѓушев.

 

 

 

 
Категорија: