Роберт Поповски, Mинистер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност

Роберт Поповски e министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.

На оваа функција доаѓа од позицијата Советник на претседателот на социјалдемократскиот сојуз на Македонија за комуникации и креирање политики што ја извршуваше од 2013 до 2017 година.

Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. 

Во повеќедецениското искуство од областа на новинарството, Поповски бил дел од уредувачката политика на највлијателни национални медиуми во земјава, Канал 5 (2002-2006), Телма (1997-1998), Сител (1994-1995 ) и МТВ (1987-1995).

Бил автор и уредник на повеќе политички емисии: „X/О“ и „Лавиринт“ на Канал 5 ТВ, „Агол“ на Телма ТВ, „Без наслов, но со повод“ на МТВ, „Неделно попладне“, „Добро утро Македонијо“ на Македонската радиотелевизија. 

Во периодот од 1997 до 1998 година, Поповски работи и како колумнист во неделникот ,,Денес“, додека во периодот  од 1986 до 1987 година е новинар во Скопската рубрика на „Вечер“ и „Нова Македонија“.

Учествувал на многу меѓународни конференции и престижни владини програми на САД, Обединетото Кралство, Норвешка, Германија, Шведска, меѓу кои и на конференциите „Speak up“, од 2011 до 2013 година посветени на медиумски слободи во југоисточна Европа и Турција што се одржува во Брисел.

Во 2011 година бил учесник во програмата за новинарство и политики „Едвард Мароу“ на Владата на САД.

Од 2000 до 2013 година е редовен гостин на Советот на Европа и Европската комисија, како партиципациент во дебати на теми поврзани со слободата на медиуми, човекови права, политички состојби во регионот на Југоисточна Европа.

Учествувал на едукативен семинар на новинската агенција „Reuters“.

Поповски бил член е на Националниот совет за евроинтеграции при Собранието на Република Македонија (2008-2010).

Во периодот од 2005  до 2010 ја извршуваше функцијата Претседател на Здружението на новинарите на Македонија, а од 2003 до 2005 беше Генерален секретар на ЗНМ.

Во 2002 година ја доби наградата „Новинар на годината“ што ја доделуваше весникот „Вечер“.

Роберт Поповски е роден 1967 година.