Средба на премиерот Заев со амбасадорот Пинингтон: Канада ги поддржува реформските чекори на демократската Влада на Македонија и аспирациите за членство во НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Филип Пинингтон, амбасадор на Канада за Република Македонија.

Канадскиот амбасадор изрази честитки до премиерот Заев за стапувањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија, но и за формирањето на Владата низ мирен демократски процес, по длабоката политичка криза во земјата.

Амбасадорот Пинингтон ја поздрави реформската определеност на Владата, којашто, како што оцени, се одразува со видлива промена на расположението кај граѓаните и оптимизам дека позитивните промени во државата стануваат реалност. Тој соопшти дека Канада ја поддржува Македонија во НАТО аспирациите.

„Владата на Република Македонија презема сѐ што е потребно да го отвори патот кон евро-атлантските интеграции и со тоа да го обезбеди и да го осигура квалитетот на живот на граѓаните. Има големо иселување од Македонија, претежно на млади луѓе, за кои сакаме да обезбедиме перспективи и преку работни места и достоинствени плати да ги мотивираме да останат да живеат во Македонија, а оние кои заминале да видат услови да се вратат. За таа цел се обврзавме на амбициозен План 3-6-9, во чијашто реализација го интегрираме целото општество“ рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека ваквите инклузивни политики на премиерот Заев и на Владата и исчекорот кон добрососедските односи имаат поддршка и од меѓународната заедница, што придонесува во градењето доверба кон Република Македонија како држава којашто заслужува да оди напред.

На средбата се разговараше и за можноста за продлабочување на односите меѓу Република Македонија и Канада, во делот на економијата. Постои согласност дека реформите што водат кон владеењето на правото и обезбедување сигурност на инвестициите испраќа охрабрувачка порака кон канадските бизнисмени, кај кои постои интерес за Македонија.

Исто така, на состанокот е изразена заедничка согласност дека на регионот му треба стабилност и гледање кон иднината, како и дека напредокот на регионот отвора заедничка перспективна иднина за сите држави, меѓу кои и за Република Македонија.